КОНЈА (АА)
- Серхат ЧЕТИНКАЈА
Американскиот католички свештеник проф. д-р Крејг Виктор Фентер, откако се запознал со ликот и делата на истакнатиот исламски мистичар, поет, теолог и филозоф Мевлана Џалалудин Руми, одлучил да го прифати исламот и да го земе името ‘Исмаил‘, населувајќи се во Конја, градот на Мевлана, пишува Агенција Анадолија (АА).
Роден во 1955 година во американската сојузна држава Северна Каролина, Фентер израснал во Лос Анџелес и по желба на неговото семејство заминал во католичко училиште и станал свештеник. Бил во службата 10 години, а потоа, по стекнатото академско образование предавал теологија на универзитет.

И покрај неговото католичко образование, Фентер во разговор за АА истакна дека почнал да чувствува одредена празнина, по што тргнал во потрага. Сè започнало по средбата со Есин Челеби Бајру, жената која е 22. колено на суфискиот поет, за време на нејзиниот престој во САД 2004 година. Тогаш почнал да ги добива првите информации за Мевлана и исламот, а на покана на Бајру, во 2005 година пристигнал во Конја на програмата „Шеб-и Арус“, што секоја година се одржува по повод годишнината од смртта на Мевлана Џалалудин Руми.
Фасциниран од приказните, ритуалот на мевланските дервиши (сема) и севкупната духовна атмосфера во Конја, Фентер во 2006 година донел одлука да го прифати исламот. За да биде „поблиску до Мевлана“ и за да може што повеќе да научи за мевланскиот тарикат (дервишки ред), Фентер пред два месеца одлучил да се пресели во Конја.
Исмаил Фентер, како што се вика сега, со новинарот на АА зборуваше за својот живот, од почетоците до преминувањето во ислам, истакнувајќи дека од детството е воспитан како добар верник.
„Религијата беше многу важна за моето семејство. Мојата баба сакаше да бидам свештеник“, рече Фентер, напоменувајќи дека и еден од неговите роднини исто така е свештеник.

Зборуваше дека во текот на школувањето учел за Господ, но дека многу нешта за него немале смисла.
„Верував во Господ, но нешто не беше во ред. Потоа, она за што сакав да ги подучам моите ученици, за мене немаше смисла. Затоа поголемиот дел од својот живот го поминав во потрага. Предавав во богословијата, но не верував во она што го предавам. По извесен период си реков ‘Не можам ова повеќе да го работам’ и го напуштив свештенството и црквата. Се вратив во Калифорнија со семејството и почнав да се интересирам за музиката. Во музиката имаше многу нешта, но моето срце беше празно. Ракоплескањето на луѓето беше прекрасно, но нешто ми недостасуваше“, раскажа Фентер.
Подоцна се запознал со Есин Челеби Бајру, внуката на Мевлана, која допатувала во Сан Франциско.
„Отидов до куќата во која се собираа суфиите, а таму дојде и една жена со својот преведувач. Не знаев која е таа, но дознав дека е потомок на Мевлана. Тоа беше Есин Челеби. Ја слушав и ми се допадна тоа што го слушнав. Како тоа да го барав целиот свој живот. Ѝ реков: ‘Се чувствувам како да сум на дното на океанот и не знам каде е богатството’, на што таа ми одговори: „Веќе сте го нашле богатството, бидејќи сте го барале’. Оваа реченица многу ме импресионираше. На покана на Бајру дојдов во Конја во декември 2005 година и ја следев церемонијата на Шеб-и Арус“, рече Фентер.
Тој појасни дека се чувствува посебно кога ја следи семата, познатиот танц на мевланските дервиши. Се присети дека во текот на посетата на градот Конја, кој се наоѓа во централна Турција, го посетил и музејот на Мевлана.

Фентер зборуваше и за моментот кога за првпат се помолил пред мезарот (гробот) на Мевлана Џалалудин Руми.
„Почнав да се молам пред мезарот на Руми. Тогаш се случи нешто, нешто што не сум во состојба да го опишам. Се чувствував како срцето да ми се отвори и почнав да плачам. Ја повторив молитвата повеќепати. Плачев со часови“, раскажа Фентер.

За Мевлана најмногу научил од Надир Карнибујук, а пред враќањето во САД, го замолил да учи Куран и некои молитви на турски јазик, кои Фентер тонски ги снимил.
„Не знаев турски, но го разбирав она што го учеше. Навистина не го знаев преводот на тоа, но длабоко во себе го чувствував. Тогаш сфатив дека патот на Мевлана е патот на Мухамед. Знаев дека тоа е реално и тогаш одлучив да станам муслиман“, рече Фентер.
Подоцна одлучил да се насели во Конја, за да биде поблиску до Мевлана.
„Знаев дека ова е местото каде што треба да бидам, Конја, градот на Мевлана. Доаѓав во Конја секоја наредна година, бидејќи тука морав да научам за Мевлана. Чекорењето по стапките на Мевлана тука, се разликува од чекорењето во Америка. Една ноќ, млад дервиш ме праша за моето семејство, на што јас му одговорив: ‘Родителите ми се починати’. Ме погледна и ми рече: ‘Ние сме твоето семејство’. За мене тоа беше едно од најважните нешта што некој ми ги рекол. Затоа постојано доаѓав во Конја. Потоа се населив во Конја“, заклучи Исмаил Фентер.

news_share_descriptionsubscription_contact
