Zehra Ulucak
19 Ноември 2018•Ажурирај: 20 Ноември 2018
АНКАРА (АА) - Началникот на Генералштабот на Армијата на Соединетите Американски Држави (САД), генералот Џозеф Данфорд, истакна дека талибанците моментално не губат во Авганистан, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според вестите на американските медиуми, Данфорд во своето обраќање во рамки на Безбедносниот форум во Халифакс, Канада, нагласил дека талибанците не губат, и дека не постои воено решение за ставање крај на војната во Авганистан.
„Моментално не губат. Според мене тоа е праведно да се каже“, рече Данфорд во врска со талибанците.
Данфорд истакна дека САД и сојузниците на НАТО се обидуваат да го зголемат воениот, политичкиот и економскиот притисок, со цел да ги убедат талибанците за ставање крај на војната.
„Веруваме дека талибанците знаат оти во некоја точка треба да се усогласат. Клучот на успехот е обединување на сите притисоци, со цел поттикнување на талибанците на преговори“, додаде тој.
Данфорд укажа и на важноста на изборите кои наредната година ќе се одржат во Авганистан, и според него, постои долг пат за да се каже дека е постигнато усогласување со талибанците.
Високиот совет за мир на Авганистан вчера соопшти дека специјалниот претставник на САД за Авганистан, Залмеј Халилзад, по втор пат се сретнал со претставниците на талибанците, при што било усогласено повлекувањето на странските сили од земјата.