Emel Öz Gözellik
19 Ноември 2018•Ажурирај: 19 Ноември 2018
АНКАРА (АА) – На мексиканско-американската граница расте тензичната ситуација по пристигнувањето на првиот бран мигранти од Централна Америка, кои сакаат да преминат во Соединетите Американски Држави (САД), пренесува Anadolu Agency (AA).
Според веста на „Би-би-си“, населението на градот Тихуана, кој се наоѓа во северозападниот дел на Мексико, започнало протести поради големиот број мигранти што пристигнале во градот.
Стотици жители на градот излегоа на улиците со барања мигрантите од Централна Америка да го напуштат градот. Демонстрантите на протестите ги извикуваа паролите „Тие се натрапници“, „Тие се вооружени“, „Одете си!“.
САД и Мексико го зголемија бројот на војници и безбедноста на граничниот премин.
Градоначалникот на Тихуана, Хуан Мануел Гастелум, истакна дека во наредните недели се очекува бројот на мигрантите што доаѓаат во градот да достигне до десетици илјади и дека градот не е подготвен за толкава бројка на мигранти.
По изјавата на Гастелум, американскиот претседател Доналд Трамп на својот официјален твитер-профил напиша дека мигрантите во градот предизвикуваат големи проблеми и криминал, и напиша: „Вратете се во вашите домови!“
Американските царински власти дневно обработуваат до 100 апликации на бегалците, па затоа се предвидува дека мигрантите во градот можат да чекаат со месеци.
Обединетите нации (ОН) проценуваат дека над 7.000 луѓе се приклучиле кон миграцискиот конвој на патот од Централна Америка до САД. Се претпоставува дека во миграцискиот конвој има 2.300 деца.
Трамп истакна дека мексиканската полиција и Армијата не можат да ги сопрат имигрантите кои доаѓаат на јужната граница на САД, и дека затоа прогласил „вонредна состојба“ и ги активирал патролите на границата.
Трамп претходно нагласи дека ќе ја укинат или во голема мера ќе ја намалат странската помош за Гватемала, Хондурас и Ел Салвадор.
Со цел да ги спречат имигрантите на патот кон САД, мексиканските власти истакнаа дека на оние имигранти што ќе побараат азил ќе им биде дадена дозвола за работа.