Ömer Tuğrul Çam
01 Февруари 2023•Ажурирај: 05 Февруари 2023
БРИСЕЛ (АА) – Познатата белгиска авторка Саскиа де Костер се затвори во стаклена соба на еден месец за да ја напише својата нова книга, јавува Анадолу.
Де Костер се затвори во соба со стаклени ѕидови од 12 квадратни метри во Кралскиот музеј за ликовни уметности во Антверпен и планира да не излегува од собата наредниот месец за да го доврши своето ново дело.
Перформансот е наречен „Авторот е тука“ (The Author is Here), а Де Костер своите дневни потреби како јадење и спиење ќе ги задоволува во делот зад стаклената соба.
Посетителите на музејот ќе можат да ја набљудуваат авторката додека ја пишува својата книга. Во собата ќе има само компјутер, биро, стол и 28 книги кои авторката ги носи со себе секој ден.
Де Костер нема да користи телефон, социјални мрежи, ниту ќе разговара со некого за време на престојот во собата.
Таа пред новинарите рече дека перформансот е одлична можност за неа бидејќи на крајот ќе биде просветлена личност и ќе има завршена книга.
„Од детството ме фасцинираат осамениците. Мислам дека е тенка линијата помеѓу хистеријата и мистицизмот. Овој начин на одвојување од реалноста ве носи на повисоко ниво и ви дава слобода во вашиот ум. Како дете седев сама во градината на нашата куќа и ја пуштав мојата имагинација по своја волја“, рече Де Костер.
Таа, исто така, истакна дека не сака пишувањето да биде тајно или таинствен чин.