Ahmet Esad Şani
21 Мај 2018•Ажурирај: 22 Мај 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - АХМЕТ ЕСАД САНИ - Шведскиот кантавтор со потекло од Либан, Махер Заин, изјави дека е горд и дека поддржува сè што турскиот народ и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган прават за муслиманите во Палестина, Сирија, Аракан и остатокот од светот.
Заин претстојува во работна посета на Турција, а во разговор за Anadolu Agency (AA) изрази задоволство од промоцијата на нумерата „Смеа како милост“ која ја сними во дует со турскиот колега Синан Акчил, а промовираше и спот за песната „Huwa AlQuran“.
Познатиот пејач Заин учествуваше и на големиот митинг кој на 18 мај се одржа во Истанбул под назив „Осуда на злото и поддршка на Ерусалим“. За време на митингот ја изведе својата песна „Палестина ќе биде слободна“.
„Беше фантастично да се видат толку многу луѓе на митингот за поддршка на Ерусалим и Палестина. Мило ми е што и јас бев дел од тој собир. Се молиме за сила на Палестинците, бидејќи поминуваат низ тежок период“, изјави Заин.
Тој истакна дека сите муслимани во светот се среќни поради помошта што Турција им ја дава на Палестинците.
„Сите ние знаеме, поддржуваме и горди сме со сето тоа што Турција и нејзиниот претседател Ердоган го прават за муслиманите во Палестина, Сирија, Аракан и остатокот од светот“, изјави Заин кој зборува шведски, арапски и англиски јазик, а изведува песни и на турски, малезиски, индонезиски, француски и урду јазик.
Истакнувајќи дека ја сака турската музика и оти црпи инспирација од емоциите во неа, Заин изјави дека таа емоција се чувствува и тогаш кога слушателот не знае турски јазик.
Зборувајќи за своите планови, Заин изјави дека сака добро да ги воспита своите деца и со музиката да им помогне на луѓето во светот, а дека му е сон да отиде и на Месечината.