Dzihat Aliju
11 Февруари 2016•Ажурирај: 12 Февруари 2016
СКОПЈЕ (АА) - Десетици граѓани на Република Македонија од различни етникуми протестираа поради употребениот говор на главниот уредник на ТВ Сител, кој во синоќешното интервју упати навредливи зборови кон турскиот народ, јавува Anadolu Agency (AA).
Десетици граѓани кои протестираа пред ТВ Сител побараа оставка од уредникот на телевизијата.
Лидерoт на Движењето за Национално Единство на Турците (ТМБХ), Ердоган Сарач, рече дека говорот на главниот уредник на ТВ Сител е неприфатлив како од страна на Турците во Македонија така и од Турците низ светот.
Сарач, во својата изјава, потсетувајќи дека телевизијата и порано имала објави во кои биле навредувани Турците во Македонија, рече: „Како движење, ТМБХ, го осудуваме ова до крај и бараме не само новинарот туку и телевизијата да упати извинување кон Турците и Република Турција, заради нивната уредувачка политика. Ако нашите барања не бидат исполнети ќе започнеме со судски процес во Македонија”.
Вчера во централното издание на ТВ Сител, главниот уредник на овој медиум, Драган Павловиќ- Латас, при интервјуто со лидерот на опозицијата и претседател на СДСМ Зоран Заев, му се обрати со зборовите „лажеш како Турчин”.
Кратко време по интервјуто, на социјалните мрежи, голем број македонски граѓани од различна етничка припадност реагираа на навредливите зборови и недоличното однесување на главниот уредник на ТВ Сител.
Ова не е прв пат македонските медиуми да употребуваат навредливи и недолични зборови кон Турците и турската држава.