Riyaz Khaliq
06 Ноември 2020•Ажурирај: 06 Ноември 2020
АНКАРА (АА) - Јапонскиот премиер Јошихиде Суга денеска повика на претпазливост, бидејќи бројот на случаи на вирусот Ковид-19 почна да расте. Вчера бројот на заразени во земјата изнесуваше 1.000, за првпат од крајот на август, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Ова се знаци за ширењето на вирусот во Јапонија. Треба да ја гледаме ситуацијата со посилно чувство на претпазливост од претходно“, изјави Суга на состанокот на Парламентарниот комитет, јави новинската агенција „Кјодо“.
Вчера во Јапонија беа регистрирани 1.050 нови случаи на Ковид-19, со што вкупната бројка на заразени во земјата изнесува 105.688, а од последиците на вирусот починаа 1.821 лице.
Зголемувањето на бројот на заболени се случи откако Владата започна да ги олеснува мерките за ограничување и да го зајакнува домашниот туризам како дел од напорите за закрепнување на тешко погодената економија.
Министерот за економска ревитализација, Јасутоши Нишимура, изјави дека останува потребата за подетална анализа на епидемиолошката ситуација во Јапонија.
„Извештаите за нови случаи останаа непроменети или се во благ пораст. Важно е да се анализира и процени трендот кога некое лице развива симптоми, а не кога е пријавен случајот“, рече Нишимура, кој е еден од водечките членови на Комитетот за борба против Ковид-19.