Ekip
21 Септември 2020•Ажурирај: 22 Септември 2020
ОВИЕДО
И покрај големите протести, во кои планот за спречување на ширењето на Ковид-19 во регионот на Мадрид е наречен „дискриминирачки“, новите мерки денес стапија на сила, со што главниот шпански град е поделен, јавува Агенција Анадолија (АА).
Околу 850.000 лица, кои живеат во 37 области во Мадрид, не можат повеќе да ги напуштат своите населби освен кога мора да одат на работа, училиште или доколку имаат некои други значајни обврски. Никој од страна, исто така, не може да влезе во блокираните подрачја од неоправдани причини.
Во населбите, претпријатијата и училиштата остануваат отворени. Затворените барови и ресторани можат да служат со капацитет од 50 отсто, но парковите се затворени.
Полицијата спроведува случајни проверки за да го контролира протокот на населението. Исто така, преку звучници од патролни автомобили, ги предупредува граѓаните за новите мерки.
Сите погодени области имаат една заедничка работа, а тоа е неконтролирано пренесување на новиот тип коронавирус во заедницата, при што во последните две недели, повеќе од едно лице се заразува со Ковид-19 на секои 100 жители.
Ова се релативно сиромашни, густо населени населби со речиси двојно повеќе имигранти од другите делови на градот.
Претходно оваа недела, Изабел Ајузо, претседателка на регионот Мадрид, рече дека „начинот на живот на имигрантите во градот“ е една од причините поради која се соочуваат со една од најлошите епидемии на Ковид-19 во Европа.
Ајузо ги најави мерките во петокот, а за време на викендот илјадници демонстранти излегоа на улиците, споредувајќи ги со гетоизација и повикувајќи на нејзина оставка.