Şenhan Bolelli
05 Април 2021•Ажурирај: 08 Април 2021
МАДРИД (АА) - На стадионот „Ванда Метрополитано“ во Мадрид, главниот град на Шпанија, е забрзана кампањата за вакцинација против коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шпанија, која е далеку од целта до крајот на летото да вакцинира 70 отсто од населението во борбата против коронавирусот, со доаѓањето на нови дози од вакцините започна со вакцинирање на поголем број граѓани.
До крајот на април во Шпанија би требало да дојдат шест милиони дози вакцина. Денес пристигнаа 1,2 милиони дози, потврдија владините официјални претставници.
Во Шпанија, која со вакцинацијата започна на 27 декември, околу 10 милиони луѓе ја примија првата доза на вакцината, а постапката за вакцинација ја завршија три милиони.
Официјалните претставници на Министерство за здравство наведоа дека до пред неколку недели околу 800.000 луѓе неделно се вакцинирани против Ковид-19, а тој број моментално изнесува меѓу 1,3 и 1,5 милиони.
Во главниот град Мадрид, каде бројот на заразените и смртни случаи е најголем во Шпанија, граѓаните се вакцинираат на стадионот „Ванда Метропилитано“.
Граѓаните чекаат во редовите и повеќе од три часа.
Мариа Луиза Доминигез Перез, медицинска сестра задолжена за координација на вакцинацијата на стадионот, наведе дека се организирани на начин дневно да вакцинираат околу 6.000 лица.
Наведувајќи дека 16 медицински сестри моментално вакцинираат на стадионот, Перез изјави дека вакцинираат и 700 луѓе на час.
„Се подготвуваме да вакцинираме 10.000 луѓе дневно“, изјави Перез.
Бројот на новозаразени со Ковид-19 во Шпанија се зголеми во текот на последните недели. Сега го надмина она што властите го сметаат за праг на висок ризик од 150 новозаразени на 100.000 жители во текот на 14 дена.
Досега на коронавирусот беа позитивни 3.300.965 лица, починаа 75.698, а се излекуваа 3.054.725 лица.