Nazmi Abduramani
05 Април 2021•Ажурирај: 06 Април 2021
СКОПЈЕ (АА) - Владата на Северна Македонија на седница донесе одлука за воведување нови ограничувања поради состојбата предизвикана од коронавирусот (Ковид-19), јавува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, заедно со министерот за здравство, Венко Филипче, заменик министерот за здравство, Илир Хасани, и претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски, на заедничка прес-конференција ги соопштија новите мерки што Владата го донесе на денешната седница, по препорака на здравствените експерти.
Заев најави дека од утре, полицискиот час ќе стапи на сила во 20:00 часот и ќе трае до 5:00 часот изутрина, мерка што ќе трае до 20 април. Мерките се донесени во пресрет на затоплувањето и на празниците кои следуваат, и како што изјави премиерот, согласно потребата да се одморат здравствените работници и најновите тенденции кои покажуваат дека британскиот сој на коронавирусот во земјата зема сè поголем замав.
Премиерот, исто така, соопшти дека од 7 април ќе бидат затворени кафулињата, рестораните, фитнес клубовите (од 6 април) и обложувалниците.
Угостителските објекти ќе можат да вршат само услуги со испорака и со концептот на шалтерска услуга, додека од оваа мерка се исклучени хотелските капацитети на двата аеродрома во земјата, како и хотелите и мотелите чии ресторани ќе можат да ги опслужуваат само своите гости.
На граѓаните кои извршиле имунизација во центрите за вакцинација, за временскиот период непосредно пред започнувањето на забраната и посебниот режим на движење им се дозволува враќање до своите живеалишта врз основа на потврда за извршената вакцинација.
Од претходните мерки, забраната за групирање на повеќе од четири лица останува на сила.
Понатаму, премиерот Заев истакна дека причината за заострување на мерките е зголемениот замав на вирусот и зголемениот број на заразени и починати, како и поради притисокот врз болниците.
Министерот за здравство, Венко Филипче, појасни дека карактеристиките на вирусот се поразлични од оние во ноември и дека сега има повеќе хоспитализирани случаи.
„Се соочуваме со бран којшто е предизвикан од мутација на вирусот, која е различна во однос на карактеристиките што тој вирус ги имаше во месец ноември минатата година. Имаме голем број на пациенти кои се хоспитализирани во болниците, имаме една карактеристика, лекувањето сега да трае нешто подолго во однос на лекувањето на заболените кои беа хоспитализирани минатата година во месец ноември и тоа создава дополнителен товар на сите болнички установи“, рече Филипче.
Заменик министерот за здравство, Илир Хасани, истакна дека ако не се донесеа овие одлуки, би била извесна можноста за затворање за престојните празници.
Тој апелираше граѓаните во време на празниците и празнувањата да внимаваат, затоа што практикувајќи ја традицијата на посетување на домовите на повозрасните, може да им нанесат штета, бидејќи се најризичната категорија граѓани.
Претседателот на Комисијата за заразни болести, прим. д-р Жарко Караџовски, се осврна на новите мерки, како полицискиот час, затворањето на угостителските објекти и фитнес центрите.
Тој истакна дека во последните три седмици има раст на бројот на позитивни случаи, а просечната бројка се движи меѓу 1.200 -1.300 позитивни, кои, како што рече, почнуваат да ги полнат здравствените капацитети, што ја наметнува потребата од брзо воведување на ваквите мерки со цел за да се менаџира кризата и да се одржува кондицијата на здравствениот систем.
Инаку, според денешните податоци, во последното деноноќие во Северна Македонија регистрирани се 37 починати и 301 новозаразени со Ковид 19. Во истиот период направени се 1.431 тестирања за вирусот, а во земјата активни се 20.802 случаи на вирусот.