свет, Коронавирус

Француска здравствена институција предлага доза од мРНА-вакцина за вакцинираните со АстраЗенека

ХАС препорача комплетирање на распоредот за вакцинација за оваа популација со мРНА-вакцина - Комирнати или Модерна - во рок од 12 недели по првата доза на АстраЗенека

Ekipa  | 10.04.2021 - Обновена : 11.04.2021
Француска здравствена институција предлага доза од мРНА-вакцина за вакцинираните со АстраЗенека

ПАРИЗ (АА) - Француска здравствена институција ја предложи стратегијата на „хетеролошко примарно зајакнување“ за лицата помлади од 55 години што ја имаат примено вакцината на АстраЗенека, за заштита од тромбоза, пренесува Агенција Анадолија (АА).

ХАС (Haute Autorité de Santé) препорача комплетирање на распоредот за вакцинација за оваа популација со мРНА-вакцина - Комирнати или Модерна - во рок од 12 недели по првата доза на АстраЗенека.

Една единечна доза од вакцината на АстраЗенека „не е доволна за да гарантира трајна ефективна заштита од тромбоемболиски појави“, се наведува во соопштението.

Независниот јавен орган на експерти, што обезбедува анализи, препораки и мерки за подобрување на здравството и медицината, соопшти дека својот предлог го заснова врз научното начело наречено „хетеролошко примарно зајакнување“.

„Стратегијата користи двостепена шема на вакцинација: користење поразлична техника од првата (главната) за втората доза (зајакнување). Таквите техники се ефикасни кај вакцините против ХИВ“, велат од ХАС.

Оттаму препорачуваат поставување студија за проценка на имунолошкиот одговор со мешан распоред за вакцинација и следење на вакцинираните со прва доза на АстраЗенека, а потоа и со мРНА-вакцина.

Минатиот месец, по извештаите за згрутчување на крвта што доведе до кратко прекинување на вакцинацијата со вакцината на АстраЗенека, ХАС ја смени препораката да ја резервира вакцината за луѓе постари од 55 години.

Од излегувањето на вакцината против коронавирусот на АстраЗенека во февруари, на над 500 000 луѓе во Франција, кои се помлади од 55 години, им беше дадена првата доза.

Франција ја продолжи вакцинацијата со вакцината на АстраЗенека кратко откако Европската агенција за лекови и Светската здравствена организација дадоа зелено светло.

Претседателот Емануел Макрон уште еднаш ја поддржа АстраЗенека во петокот и рече дека верува во препораката на здравствените власти за нејзина употреба во однос на возраста.

„Ние не ја користиме за најмладите, но за најстарите ќе продолжиме [со нејзина употреба] ... особено кога имаме фактор на ризик“, изјави Макрон при посетата на фармацевтска компанија во Ер-е-Лоар.





На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.