Dejan Maksimovic
04 Мај 2020•Ажурирај: 05 Мај 2020
ЛОНДОН (АА) - Грег Кларк, претседателот на Фудбалскиот сојуз на Англија, рече дека е тешко да се очекува дека во скоро време ќе можат да се видат навивачите на трибините на натпреварите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Ако воопшто продолжи Премиер лигата, јасно е дека поради пандемијата на коронавирусот натпреварите ќе се играат без присуство на публика. Раководството на Премиер лигата дури е подготвено и на можноста да се игра без навивачи во сезоната 2020/21.
„Реалноста е дека едноставно не знаеме како ќе се одвиваат работите. Но, покрај социјалното дистанцирање кое е потребно уште извесно време, се соочуваме и со големи промени во целиот фудбалски систем... На пример, тешко е да се предвиди дали навивачите, кои се животна сила на нашата игра, наскоро ќе се вратат на натпреварите“, истакна Кларк во писмото до Управниот комитет на Фудбалскиот сојуз, пренесуваат британските медиуми.
Кларк истакнува дека извршниот тим на Фудбалскиот сојуз на Англија „работи на различни сценарија со кои потенцијално би можеле да се соочиме како резултат на пандемијата“. Исто така предупреди дека намалувањето на буџетот оваа година во износ од 75 милиони фунти (околу 85 милиони евра) би било разумно.
„При најлошо сценарио, тоа би требало да се направи во следните четири години за да се надомести дефицитот во износ од 300 милиони фунти. Јасно е дека тоа ќе влијае на многу наши планови затоа што ќе допре до секое подрачје на играта и на проектите за кои сите се залагаме“, нагласи Кларк.
Премиер лигата на Англија е прекината на 13 март поради пандемијата на коронавирусот. Во моментот на прекинот, по 29 одиграни кола, Ливерпул водеше со 82 бода, дури 25 повеќе од второпласираниот Манчестер Сити, кој има натпревар помалку.