Büşra Nur Bilgiç Çakmak
04 Мај 2020•Ажурирај: 05 Мај 2020
АНКАРА (АА) - Откако сè ќе се врати во нормала, Кина ќе треба да даде одговор на некои прашања, изјави денес британскиот секретар за одбрана, осврнувајќи се на потеклото и ширењето на пандемијата на коронавирусот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Одговарајќи на прашање за време на радиоемисија за тоа дали Кина треба да даде одговор во однос на брзината со која го предупреди светот за опсегот на кризата, Бен Валас рече: „Мислам дека треба.“
„Времето за обрнување внимание на ова е откако сите ќе го ставиме [вирусот] под своја контрола и кога ќе го надминеме, и кога нашите економии ќе се вратат во нормала“, рече тој. „Во сечиј интерес е ние да бидеме транспарентни и овде и во странство, за да можеме заеднички да учиме од оваа пандемија за да не се случи никогаш повторно.“
„Кина“, додаде Валас, „треба да биде транспарентна не само за нејзините грешки, туку и за нејзините успеси.“
Американскиот претседател, Доналд Трамп, минатата недела изјави дека видел доказ дека новиот вид коронавирус потекнува од лабораторија во Вухан, Кина.
Прашан дали тоа што го видел е нешто што му дало „висок степен на увереност“ дека Институтот за вирологија во Вухан е местото од каде што потекнува вирусот, Трамп одговори: „Да“.
Откако се појави за првпат во кинескиот град Вухан, изминатиот декември, вирусот, официјално познат како Ковид-19, се прошири во најмалку 187 земји и региони во светот. САД и Европа во моментот се најтешко погодени подрачја.
Во светот има над 3,52 милиони дијагностицирани случаи на коронавирусот, бројот на смртни случаи надмина 247.000, додека повеќе од 1,13 милиони луѓе го победија вирусот, покажуваат податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“.
Многу земји, меѓу кои и Шпанија, Италија и Германија, ги ублажија рестриктивните мерки воведени за спречување на ширењето на вирусот.
Британскиот премиер, Борис Џонсон, изјави дека Велика Британија ќе премине во „втората фаза“ само кога ќе се види „одржлив и постојан пад на дневните смртни случаи од коронавирусот“ и „веродостојни податоци кои покажуваат дека стапката на заразеност се намалува“.
Британските власти досега потврдија 28.520 смртни случаи како последица на вирусот, и речиси 188.000 случаи на заразени.