Saadet Gökce
21 Февруари 2025•Ажурирај: 23 Февруари 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Кинески тим откри нов коронавирус кај лилјак кој претставува ризик за пренос од животно на човек, бидејќи го користи истиот човечки рецептор како вирусот КОВИД-19, објави дневен весник од Хонгконг, наведувајќи ја најновата студија, пренесува Анадолу.
Студијата, спроведена од Лабораторијата „Гуангжу“ во соработка со Академијата на науките во Гуангжу, Универзитетот „Вухан“ и Институтот за вирологија во Вухан, е објавена во научното списание „Cell“ во вторникот, објави „Саут чајна морнинг пост“.
Според извештаите, новооткриениот коронавирус го користи истиот човечки рецептор како вирусот одговорен за КОВИД-19 и САРС, човечкиот ензим за конвертирање на ангиотензин (ACE2).
Вирусот, познат и како HKU5-CoV-2, е нова низа на коронавирусот HKU5 откриен кај јапонските џуџести лилјаци во Хонгконг.
Лабораториските тестови открија дека вирусот може да зарази човечки клетки и вештачки израснати ткива на бели дробови и црева. Исто така, може да се поврзе со ACE2-рецепторите кај луѓето, лилјаците и другите животни, зголемувајќи ја веројатноста за пренос меѓу видовите.
И покрај тоа што HKU5-CoV-2 има посилна врзувачка способност од неговиот оригинален вид со поширок опсег на домаќини, истражувачите нагласуваат дека тој е многу помалку моќен од SARS-CoV-2, вирусот одговорен за КОВИД-19, а ризикот од широко распространето пренесување на луѓето е низок.
Ши Женгли, научничката раководителка на студијата, е добро позната по нејзината работа во Институтот за вирологија во Вухан, кој е на удар поради тврдењата дека КОВИД-19 „излегол“ од лабораторијата, кои Ши го негираше.
Кина претходно ја отфрли „теоријата поддржана од ЦИА“ дека пандемијата на КОВИД-19 потекнува поради случајно негово „истекување“ во лабораторијата во Вухан, а не од природен пренос од пазар, објави дневниот весник.
Првите случаи на вирусот на КОВИД-19 беа пријавени во Вухан, централна Кина, во декември 2019 година. Потоа вирусот се рашири низ целиот свет, што доведе до ограничувања на движењето и полициски часови низ државите низ светот и предизвика речиси седум милиони смртни случаи.