Amir Latif Arain
05 Март 2025•Ажурирај: 07 Март 2025
КАРАЧИ (АА) - Кинеските научници направија епохален чекор во складирањето светлина, поставувајќи нов светски рекорд со складирање на светлосни информации за 4.035 секунди, објавија денес државните медиуми, пренесува Анадолу.
Истражувањето, спроведено од научници од Пекиншката академија за квантни информациски науки (BAQIS), е објавено во меѓународното списание Nature Communications, јави кинеската новинска агенција Синхуа.
Се очекува овој чекор да обезбеди физичка платформа со високи перформанси за квантна обработка на податоци и да воспостави силна основа за квантните информациски мрежи.
„Складирањето светлина отсекогаш било предизвик во светот“, рече Лиу Јулонг, соработник истражувач во BAQIS и прв автор на студијата.
Лиу објасни дека фотоните, фундаменталните честички на светлината, патуваат со екстремно големи брзини, што го отежнува нивното директно „фаќање“ и складирање. За да го решат ова, истражувачите се свртеа кон звучните сигнали што се движат многу побавно и полесно се складираат.
Клучен предизвик беше идентификувањето материјал што може да ги конвертира светлосните сигнали во звучни сигнали, ефикасно „заробувајќи“ ја светлината.
Претходните обиди за складирање се потпираа на материјали како метални алуминиумски и силициум нитридни филмови, но внатрешните загуби во овие материјали го ограничуваа времетраењето на складирање на помалку од една секунда.
За да го надмине ова ограничување, тимот на BAQIS истражуваше алтернативни материјали, тестирајќи дијамант и галиум нитрид пред да избере филм со еднокристален силициум карбид. Овој материјал, со својата правилна внатрешна структура, нуди исклучителна фреквентна стабилност и минимални внатрешни загуби.
Со користењето на оваа технологија истражувачите постигнаа рекордно времетраење на складирање од 4.035 секунди, што значително ги надмина претходните обиди.
Истражувачите имаат цел дополнително да го подобрат времетраењето на складирањето, да ја зголемат густината на информациите и да ја подобрат компатибилноста со другите квантни технологии.