Ekipa
20 Февруари 2025•Ажурирај: 21 Февруари 2025
КАРДИФ (АА) - Комбе влета во група демонстранти кои протестираа во знак на солидарност со Палестина синоќа во Кардиф, главниот град на Велс, Велика Британија, јавува Анадолу.
За среќа не се пријавени жртви или повредени.
На снимката од протестот, споделена на социјалните мрежи од профилот на Универзитетот во Кардиф, се гледа како возач во комбе се втурнува во толпата луѓе. На видеото се снимени неколку демонстранти како паѓаат на земја од ударот, додека други се обидуваат да го запрат возилото.
Протестот, организиран од Платформата за Палестина при Универзитетот во Кардиф (CU4P), се одржа на улицата Парк Плејс, во близина на зградата на Ректоратот на Универзитетот.
CU4P соопшти дека собирот имал за цел изразување протест против соработката на Универзитетот со организации и компании кои го поддржуваат Израел.
Во соопштението, CU4P го осуди инцидентот, опишувајќи го како „терористички напад“ насочен кон мирните демонстранти, од кои повеќето беа студенти.
Групата изјави дека употребата на насилство против мирните демонстрации е апсолутно неприфатлива и нагласи дека возачот мора да се соочи со целосните законски мерки предвидени за делото.
Полицијата на Јужен Велс, под чија надлежност е Кардиф, потврди дека не е поднесена жалба во врска со инцидентот. Властите, исто така, изјавија дека нема повредени, ниту жртви.