Gamze Türkoğlu Oğuz,Fuat Kabakcı
04 Мај 2020•Ажурирај: 05 Мај 2020
АНКАРА (АА) - Кина побара од американскиот претседател, Доналд Трамп, и од државниот секретар, Мајк Помпео, да приложат докази дека изворот на новиот вид коронавирус, Ковид-19, е лабораторија во Вухан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во „Глобал тајмс“ („Global Times“), кој е еден од официјалните медиуми на Кинеската комунистичка партија, е објавен напис каде што се отфрлаат „неоснованите обвинувања“ на американскиот државен секретар, Помпео, дека Ковид-19 излегол од лабораторија во Вухан.
Во написот се наведува дека Помпео блефирал со изјавите дека вирусот потекнува од лабораторија во Кина и се додава дека администрацијата на Трамп води „невидена пропагандна војна“ против Кина.
Кина исто така побара од Мајк Помпео да приложи докази дека Ковид-19 е излезен од лабораторијата во Вухан.
Весникот „Пиплс дејли“ („People's Daily“), исто така еден од официјалните медиуми на Комунистичката партија на Кина, објави напис со наслов: „Тоа што САД бараат отштета за епидемијата на Ковид-19 е срамно за човечката цивилизација.“
Во написот исто така се вели: „Некои американски политичари од епидемијата на Ковид-19 направија политичко шоу, со тоа што стигнаа дотаму да бараат отштета.“
Во написот се потсетува дека САД претходно истакнале дека ги ценат напорите на Кина во борбата против Ковид-19 и се додава: „Вашингтон направи пресврт, а некои американски политичари сметаа дека со тоа ќе се спасат од одговорноста.“
Исто така се истакнува дека САД ги прекршиле правилата на Светската здравствена организација (СЗО) со употребата на имињата „кинески вирус“ или „вирус Вухан“ за Ковид-19 и дека американските политичари го деградирале меѓународното право.
Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, во последната негова изјава рече: „Кина има историја на заразување на светот со лаборатории кои работат под стандардите. Може да ви кажам дека има многу докази дека Ковид-19 е излезен од лабораторија во Кина.“
На 1 мај, Трамп рече дека видел докази дека новиот вид коронавирус е излезен од лабораторија во Вухан, но дека во тој момент не може да сподели детали.