Ata Ufuk Şeker
08 Јануари 2021•Ажурирај: 10 Јануари 2021
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) ќе купи уште 300 милиони дози од вакцината против коронавирусот која ја развија компаниите „БајоНТех“ и „Фајзер“, со што Унијата ќе има вкупно 600 милиони дози вакцина од тој произведувач, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателката на Европската комисија, Урсула вон дер Лејен, за време на прес-конференцијата во Брисел зборуваше за стратегијата за набавка на вакцината.
Вон дер Лејен напомена дека ЕУ претходно потпишала договор за набавка на 300 милиони дози вакцини на „БајоНТех“ и „Фајзер“.
„Го проширивме договорот со компаниите „БајоНТех“ и „Фајзер“. Со новиот договор ќе обезбедиме додатни 300 милиони дози вакцини, што ќе го удвои нашето купување на вакцината од тој произведувач“, изјави Вон дер Лејен.
Таа истакна дека 75 милиони дози вакцини на „БајоНТех“ и „Фајзер“ кои се опфатени со новиот договор, во ЕУ ќе пристигнат во втората четвртина од оваа година.
Напоменувајќи дека ЕУ потпишала договор со шест произведувачи на вакцина, Вон дер Лејен додаде дека 2,3 милијарди дози вакцини би биле доволни за вакцинирање на сите Европејци.
Таа порача дека ЕУ треба да помогне на соседните земји на кои им е потребна поддршка во набавка на вакцината.
Европската Унија на 21 декември одобри условна употреба на вакцината против коронавирусот на компаниите „БајоНТех“ и „Фајзер“, додека на 27 декември започна вакцинацијата низ ЕУ.
Од ЕУ претходно е соопштено дека врз основа на потпишаните договори ќе бидат набавени 400 милиони дози вакцини од компанијата „АстраЗенека“, 300 милиони од компанијата „Санофи-ГСК“, 400 милиони од компанијата „Џонсон и Џонсон“, 300 милиони од компаниите „Фајзер“ и „БајоНТех“, 405 милиони од компанијата „КјурВак“ и 160 милиони дози од компанијата „Модерна“.