Ayhan Şimşek
01 Декември 2020•Ажурирај: 02 Декември 2020
БЕРЛИН (АА) - Американската фармацевтска компанија „Фајзер“ (Pfizer) и германската биотехнолошка компанија „БајоНТек“ (BioNTech) поднесоа барање до Европската агенција за лекови (ЕМА) за овластување за итна употреба на вакцината против Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
Официјалното барање е поднесено денес до Агенцијата за лекови откако резултатите покажаа дека кандидат-вакцината развиена од компаниите била 95 отсто ефективна во спречувањето на вирусот.
„Доколку ЕМА заклучи дека бенефитите од кандидат-вакцината ги надминуваат нејзините ризици во заштита против Ковид-19, ќе предложи доделување на Условно овластување за пуштање на пазарот, што ќе ја овозможи употребата на вакцината „BNT162b2“ во Европа до крајот на 2020 година“, соопштија компаниите.
Кандидат-вакцината „BNT162b2“, развиена од турско-германскиот научник Угур Шахин од компанијата „БајоНТек“, има ефикасност поголема од 94 отсто кај лицата на возраст од 65 години и повеќе, според резултатите добиени од третата фаза на клиничко испитување.
Шахин изрази надеж дека наскоро ќе бидат во можност да достават дози на вакцината низ светот, откако ќе добијат одобрување.
„Како компанија лоцирана во срцето на Европа, денешната пресвртница е важна за нас, додека продолжуваме да се обидуваме да овозможиме снабдување за целиот свет по потенцијалното одобрување на BNT162b2“, изјави Шахин.
„Ние ќе продолжиме да работиме со регулаторните агенции низ светот за да овозможиме брза дистрибуција, доколку вакцината добие одобрение, придонесувајќи во заедничките напори светот да заздрави и да го врати своето нормално темпо на живот“, додаде тој.
Минатиот месец, „БајоНТек“ и „Фајзер“ поднесоа барање до Администрацијата за храна и лекови на САД за да добијат одобрување за користењето на нивната кандидат-вакцина.
Тие, исто така, поднесоа дополнителни барања низ светот, вклучувајќи ги Австралија, Канада и Јапонија, а планираат да поднесат барање до другите регулаторни агенции низ светот.
Доколку се добијат регулаторни одобренија, „БајоНТек“ и „Фајзер“ планираат да произведат повеќе од 50 милиони дози до крајот на оваа година и потенцијално над 1,3 милијарди дози до крајот на 2021 година.