Zafer Fatih Beyaz
23 Септември 2020•Ажурирај: 24 Септември 2020
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, и претседателката на Европската комисија, Урсула вон дер Лејен, разговараа денес преку видеоконференција, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Во соопштението на Кабинетот на турскиот претседател се наведува дека двајцата официјални претставници околу 40 минути разговарале за односите меѓу Турција и Европската Унија и за регионални прашања.
Ердоган за време на разговорот истакнал дека кај прашањето за Источниот Медитеран, со максималистичките барања на Грција и кипарските Грци се прават обиди за игнорирање на правата на Турција и на кипарските Турци.
Нагласи дека Турција од самиот почеток е на страната на дијалогот и изрази подготвеност за водење преговори со Грција, изразувајќи надеж дека грчката страна, како што тоа го стори и претходно, нема уште еднаш да ја пропушти можноста за дипломатско решение.
Ердоган рече дека чекорите преземени за обновување на договорот за реадмисија на мигрантите склучен помеѓу Турција и ЕУ на 18 март 2016 година, зачувувањето на Царинската унија и визната либерализација ќе обезбедат солидна основа за унапредување на односите меѓу двете страни.
Тој повторно апелираше за праведна распределба на товарот и одговорноста во врска со мигрантите, напоменувајќи дека ЕУ треба да го реши прашањето за враќање на овие луѓе назад и за кршењето на нивните права од страна на Грција и Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража (Фронтекс).