Yusuf Özcan
19 Март 2020•Ажурирај: 20 Март 2020
ПАРИЗ (АА) - Во Франција од коронавирусот досега починаа 372 лица, а заразени се вкупно 10.995 лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Жером Саломон, од француското Министерство за здравство, на денешната прес-конференција ги сподели најновите податоци за ширењето на коронавирусот во земјата.
Саломон рече дека бројот на заразени со коронавирусот се зголемил за 1.861, и дека во моментот се заразени вкупно 10.995 лица, од кои 1.122 се на интензивна нега.
Во последните 24 часа во Франција од коронавирусот починаа уште 108 лица, а вкупно од почетокот на епидемијата има 372 смртни случаи.
Саломон исто така откри дека шест отсто од смртните случаи биле под 60-годишна возраст, и го повтори повикот до Французите да не излегуваат надвор освен за крајна потребна.
Ист повик до францускиот народ упати и претседателот Емануел Макрон.
„Може да забележам дека некои луѓе одат во парковите, на плажите и пазарите. Овие луѓе не ја имаат разбрано нашата порака“, рече Макрон.
Во Франција е изречена казна од 135 евра на најмалку 4.000 граѓани кои не носеле со себе документ со кој се оправдува нужноста за нивното излегување надвор.
Според пишувањето на француските медиуми, тројца лекари во земјата поднеле кривична пријава против премиерот Едуард Филип, и министерката за здравство, Агнес Бизин, која минатиот месец поднесе оставка, обвинувајќи ги за непреземање навремени мерки за спречување на ширењето на коронавирусот.