наука и технологија, Коронавирус

„БајоНТек/Фајзер“ започнува клиничка студија за вакцина врз база на варијантата Омикрон

Двете компании најавија дека ќе започнат клиничка студија која ќе биде спроведена на здрави полнолетни лица на возраст од 18 до 55 години

Merve Gül Aydoğan Ağlarcı  | 25.01.2022 - Обновена : 26.01.2022
„БајоНТек/Фајзер“ започнува клиничка студија за вакцина врз база на варијантата Омикрон

АНКАРА (АА) - Компанијата „БајоНтек“, што е основана од турски имигранти во Германија, и нејзиниот американски партнер „Фајзер“ денес најавија започнување клиничко испитување за да се процени безбедносната подносливост и имуногеноста на кандидатот за вакцина базирана на Омикрон, јавува Агенција Анадолија (АА).

Двете компании во соопштението најавија дека ќе започнат клиничка студија, наведувајќи дека таа ќе биде спроведена на „здрави полнолетни лица на возраст од 18 до 55 години“.

Истакнувајќи дека студијата ќе има три групи со кои ќе се испитуваат различните режими на моменталната вакцина против Ковид-19 на „БајоНТек/Фајзер“ или вакцина базирана на Омикрон, во соопштението исто така се наведува дека студијата е дел од тековните напори за решавање на проблемите со Омикрон и утврдување на потенцијалните потреби за вакцини базирани на варијантата.

„Иако тековните истражувања и податоци покажуваат дека бустер дозите продолжуваат да обезбедуваат високо ниво на заштита од сериозен облик и хоспитализација, ние ја препознаваме потребата да бидеме подготвени во случај оваа заштита да ослабне со текот на времето, за потенцијално да помогнеме во надминување на варијантата Омикрон и новите варијанти во иднина“, изјави Катрин Јансен, виша потпретседателка и раководителка за истражување и развој на вакцини во „Фајзер“.

Извршниот директор и коосновач на „БајоНТек“, Угур Шахин, рече дека вакцините продолжуваат да обезбедуваат силна заштита од сериозна болест предизвикана од Омикрон, но дека новите податоци покажуваат дека заштитата од заразување и благ до умерен облик на болеста исчезнува побрзо отколку што беше забележано со претходните варијанти.

„Оваа студија е дел од нашиот научнобазиран пристап за развој на вакцина базирана на варијанта што постигнува слично ниво на заштита од Омикрон, како што тоа го правеше со претходните варијанти, но со подолго траење на заштитата“, додаде тој.

Вакцините на „БајоНТек/Фајзер“ беа првите вакцини против Ковид-19 одобрени од Европската Унија во декември 2020 година. За разлика од традиционалните вакцини, „БајоНТек/Фајзер“ не го содржи самиот вирус.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.