Elena Teslova
15 Август 2020•Ажурирај: 16 Август 2020
МОСКВА (АА) - Русија започна со производство на својата прва вакцина против Ковид-19, соопшти денес руското Министерство за здравство, јавува Агенција Анадолија (АА).
Првите количини на вакцината ќе бидат наменети за имунизација на лекарите и здравствените работници, пред да се вакцинира пошироката јавност.
Русија во вторникот официјално ја регистрираше првата вакцина против коронавирусот во светот, развиена од Институтот за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“.
Тоа предизвика скептицизам во светот бидејќи Русија планира да ја продолжи третата фаза на испитувања на вакцината паралано со производството и нејзината употреба.
Александер Гинтсбург, раководител на Институтот „Гамалеја“, го бранеше тој пристап велејќи дека вакцината се заснова на неколку децениска добро истражувана научна платформа.
Вакцината наречена Гам-Ковид-Вак, скратеница за „Гамалеја Ковид Вакцина“, е развиена да се прими преку две инјектирања за да се одолжи имунитетот.
Разликата во дозите е во типот на аденовирус што се користи за пренесување на вакцината до клетките на телото.
За максимален ефект, агенсите за имунизација треба да се инјектираат во интервал од две или три недели, давајќи му време на имуниот систем да се смири по активирањето предизвикано од внесот на надворешни супстанции.
Според упатствата за употреба, вакцината е погодна за лица на возраст меѓу 18 и 60 години и може да се комбинира со други антигени, вклучително и против грип.
Примателите на вакцината ќе бидат следени од доктори, а се развива и мобилна апликација за пациентите да можат рутински да додаваат податоци за нивната состојба и брзо да ги информираат докторите за евентуалните компликации.