Vesna Besiç
10 Јули 2016•Ажурирај: 12 Јули 2016
СРЕБРЕНИЦА (АА) - Холанѓанката Моник Бергман тешката 1995 година била во базата на Холандскиот баталјон во Поточари. Била во базата на баталјонот што требаше да ги заштити невините луѓе од Сребреница, но не ги заштити. На должност како дел од холандскиот баталјон била од јануари до јули 1995 година.
Она што холандските војници го видоа тие месеци, а особено тие денови, тој јули, ниту тие не го забораваат. Бергман неодамна објави фотографија од воената Сребреница со дете во рацете. Таа изрази желба да го најде, да дознае дали е живо.
Тоа е еден од доказите дека Сребреница и луѓето кои тогаш ги гледала и со кои се дружела ниту по две децении не ги заборавила. Во разговор за Anadolu Agency (AA) се присети на 1995-та година.
„Бев во командата во Поточари кога Србите почнаа со гранатирање и кога сите бегалци дојдоа кај нас да бараат засолниште. Видов многу ранети. Уништување, страв и глад. Во такви околности ги поминав последните денови во Поточари”, се присети Бергман.
Говореше и за глувонемото момче кој ѝ останало врежано во сеќавањето и кого го бара и по две децении.
„Многу го засакав. Доаѓаше секој пат кога ќе отидев со камионот до пекарата во Сребреница. Тој ми носеше цвет за леб. Кога заминаа сите од Сребреница, јас се обидував да го најдам. Не му го знаев неговото име бидејќи беше глувонем. Сакав да знам дали преживеал”, рече Бергман.
Таа нагласи дека тие денови во Сребреница ѝ било многу тешко, затоа што била беспомошна, Бергман рече дека е тешко чувството да знаеш дека си беспомошен и напуштен од страна на ОН.
„Ги гледате сите страдања на тие луѓе, а не можете да им помогнете. Бев загрижена за луѓето од Сребреница и не можев да разберам зошто ОН не ги запреа Србите со воздушни напади”, рече Бергман.
Во тој период, таа во базата се грижела за ранетите и болните лица.
„Држев бебе во моите раце. Им изнесував од храната и водата што ја имавме. Тие, дефинитивно, беа најлошите денови од мојот живот. Се чувствував напуштено”, порача Бергман во разговорот за АА.
Во Меморијалниот центар во Поточари на 11-ти јули ќе се клања молитва за погребаните (џеназе-намаз) и ќе се закопаат посмртните останки на 127 жртви, меѓу кои и на 12 малолетници. Најмладата жртва е 14-годишниот Авдија Мемиќ, а ќе биде закопан заедно со својот чичко и неговиот 16-годишен син. Досега во Поточари закопани се 6.377 жртви.