СРЕБРЕНИЦА (АА) - Во зградата на општината во Сребреница денес се одржа Комеморативна седница по повод 11-ти јули, кога ќе се одбележи 21-годишнината од геноцидот во Сребреница, јавува Anadolu Agency (AA).
По едноминутниот молк претседателот на Собранието на општина Сребреница, Милош Миловановиќ, ги повика сите граѓани на Сребреница 11-ти јули да го одбележат на цивилизиран начин.
„Овие денови не ни се потребни големи зборови, овие денови треба да се помолиме за душите на сите настрадани, затоа што овде речиси и да нема семејство што не го преживеа прогонот и злосторствата. Денес треба да испратиме порака без оглед на изборната година и актуелната политичка ситуација, дека нема да се наруши она што со години се обидуваме да го изградиме, а тоа е мирот, разбирањето, толеранцијата. Минатото не смееме да го заборавиме, а иднината мора да ја градиме заедно. Ги повикувам граѓаните на Сребреница 11-ти јули да го одбележиме на цивилизиран начин”, рече Миловановиќ.
Во Сребреница денес, 21 години од геноцидот кои се случи над бошњачкото население за време на агресијата на БиХ, сите етнички групи живеат во соживот, рече Ќамил Дураковиќ, градоначалникот на општина Сребреница и претседател на Организациониот одбор за одбележување на 11-ти јули.
„Денес сме тука сите заедно да ја искажеме нашата почит кон невините жртви од војната. Жртвите кои немаат национален предзнак, исто како што и ние денес не претставуваме ниту народи ниту партии. Денес ние сме само луѓе кои ја делат болката и емпатијата со оние кои пред 20 години ги изгубија своите најмили. Можеби ова е најдобрата можност да го видиме вистинското лице на Сребреница. Сребреница во која претставниците на Србите и Бошњаците стојат рамо до рамо и заедно им оддаваат почит на истите жртви. Сребреница која е глобално призната како симбол на страдањата и геноцидот, но која по војната успеа да ги изгради темелите на заедничкиот живот”, рече Дураковиќ.
Тој истакна дека „сите оние кои неправедно говорат дека Сребреница е ,град на мртвите', град на поделбите, град на тензиите, треба да го посетат тој град за навистина да видат какви се Сребреничаните”.
„Оние кои нè гледаат отстрана ги нагласуваат разликите меѓу нас. И вистина е дека уште многу работи нè делат. Нè делат одредени нешта од суштинска важност. Но, на крај сите сме свесни дека постојат многу повеќе нешта коишто нè обединуваат. Бидејќи болката на мајката која го изгубила својот син нема националност. Болката на синот кој го изгубил таткото нема националност. Болката на оние кои, дури и денес, 21 година по војната не успеаа да ги пронајдат своите најблиски, нема националност”, истакна Дураковиќ.
Тој истакна дека во Сребреница Србите и Бошњаците работат заедно, одмараат заедно и делат исти грижи и дека постојните разлики меѓу нив не се несовладливи.
„Има и такви кои тврдат дека никогаш нема да се согласуваме. Јас сепак верувам дека еден ден сите ќе собереме храброст отворено да разговараме и за најтешките теми. И дека тој искрен разговор засекогаш ќе стави крај на сите дебати меѓу нас. За сè е потребно време. Сепак, на крајот вистината и правдата ќе победи. Бидејќи ниту вистината ниту правдата немаат националност”, рече Дураковиќ..
На Комеморативната седница присуствуваа меѓу останатите и членките на здружението „Мајките од енклавите Сребреница и Жепа”, поранешената портпаролка на поранешната главна хашка обвинителка Карла дел Понте, познатата новинарка и публицистка Флоренс Хартман и други.
Ден пред утрешното одбележување на 11-ти јули во Меморијалниот центар во Поточари се очекува пристигнувањето на учесниците во Маршот на мирот, велосипедскиот и мотоциклистички маратон кои утре во Поточари ќе присуствуваат на погребот на 127 жртви од Сребреница.
news_share_descriptionsubscription_contact
