Ferdi Uzun
06 Јануари 2019•Ажурирај: 08 Јануари 2019
АЈДИН (АА) - Ферди Узун
Основното училиште „Селим Ерен“ во Кушадаси, во турската област Ајдин, доби необичен „ученик“, мачката Памук, која учениците ја нашле на улица и на која одлучиле да ѝ помогнат. Учениците мачката ја нашле во школскиот двор и помош побарале од наставничката Чигдем Угур Демир, која се обратила до управата на училиштето.
Откако е дозволен престој на мачката во училиштето, животното е одведено во ветеринарна станица за да биде вакцинирано.
За мачката, која со текот на времето почнала да влегува во училницата, во потполност се задолжени децата.

Во текот на часот, мачката повремено се качува на клупите, или спие во аголот од училницата. Сепак, најмногу ужива во играта со децата во текот на одморите меѓу часовите.
Наставничката Демир изјави дека мачката Памук станала популарна и сакана, и дека децата веднаш ја бараат штом ќе забележат дека ја нема.
„Децата во потполност се грижат за мачката. Познато е дека мачките имаат немирен дух и престојуваат онаму каде што се чувствуваат безбедно. Веројатно и тука е таков случај, таа така се чувствува покрај децата. Таа е во топло, згрижена, сакана и има храна. Кога вратата од училницата е затворена, самата ја отвора со своите шепи и влегува“, рече наставничката Демир.
Наставичката Демир смета дека учениците поради мачката се посовесни кон другите животни и бргу стануваат свесни за одговорноста, но и за љубовта кон животните и другите суштества.
Ученичката од петто одделение, Бахар Енгин, рече дека мачката секој ден доаѓа со нив на настава.
„Кога читаме книга, таа како да нѐ слуша. Среќни сме со неа. Секој би требало да ги заштити животните од улица“, рече ученичката Енгин.
Слично мислење има и ученикот од седмо одделение, Ахмет Онај.
Тој потсети дека мачката ја нашле на улица и посакале да ја хранат секој ден.
„Секојдневно се грижиме за неа. Многу е забавна. Нѐ засака. Многу сме среќни што ѝ помогнавме и што пружаме засолниште за едно животно. Таа е сега наша мачка“, рече Онај.
Овој случај потсети на мачката Томби од турскиот град Измир, на која ѝ е дозволено влегување во училницата во Основното училиште во населбата Бајракли. Имено, Томби, поради загриженоста на еден од родителите беше оддалечена од училиштето, но по реакцијата на надлежните институции, повторно е „вратена“ во ученичките клупи.
Покрај тоа, Томби стана позната и надвор од границите на Турција, а напишана е и книга за деца, чиј главен лик е токму таа.