Yusuf Hatip
17 Декември 2017•Ажурирај: 18 Декември 2017
АНКАРА (АА) - Република Турција остро реагираше и ја оцени како несреќна и кратковидна дел од програмата на идната коалициска влада на Австрија, во која се наведува дека ќе настојува да се прекинат пристапните преговори на Турција во Европската Унија и дека за тоа ќе се бараат сојузници, јавува Anadolu Agency (AA).
„Оваа несреќна и кратковидна формулација во програмата на новата австриска влада, за жал, само ја потврдува оправданата загриженост поради политичките текови кои се базирани на дискриминација и маргинализација“, се вели во реакцијата на турското Министерство за надворешни работи.
Во соопштението се наведува дека е далеку од чесен и пријателски пристапот, на таков начин да се прават обиди за да се избегнат обврските кои ЕУ ги има преземено во договорите со Турција, и уште да се каже дека за тоа ќе бидат барани и сојузници.
„Таквата програма на владата не е во согласност ниту со политичките, ниту со дипломатските норми. Оваа изјава ги поместува границите кон губењето на турското пријателство, и во случај на обид за имплементација, сигурно ќе наиде на соодветен одговор“, се наведува во соопштението на турското Министерство.
Претседателот на конзервативната Народна партија на Австрија (OVP), Себастијан Курц, и челникот на радикалната десничарска Слободарска партија (FPO), Хајнц Кристијан Штрахе, синоќа ја објавија програмата на идната австриска влада, која ќе ја сочинува коалицијата на тие две политички опции.
Како иден канцелар и заменик-канцелар, Курц и Штрахе најавија поостри мерки во однос на националната безбедност и проевропски политички правец.