Sayed Khodaberdi Sadat
27 Ноември 2018•Ажурирај: 28 Ноември 2018
КАБУЛ (АА) - СЕЈИД КОДАБЕРДИ САДАТ -
Мобилната библиотека, наречена „Орев“, која функционира на улиците во авганистанскиот главен град Кабул, има за цел да всади љубов кон книгите кај децата и младите.
Фириште Керим, раководител на библиотеката, во разговор за Anadolu Agency (AA) истакна дека во мобилната библиотека се наоѓаат над 500 книги.
Керим рече дека автобусот кој во текот на денот патува низ улиците на Кабул, отворен е за сите кои сакаат да читаат книги, и дека младите генерации треба да растат со култура на читање книги.
Керим нагласи дека тие ја формирале првата мобилна библиотека во Авганистан, и дека автобусот го нарекле „Çaharmagz“, што на персиски, како што рече, значи „орев“.
Истакнувајќи дека на автобусот му го дале ова име поради тоа што оревот наликува на мозокот на човекот, Керим додаде дека нивната цел е зајакнување на мозокот на младите преку читање книги.

Керим изрази радост од заинтересираноста на децата и младите за оваа библиотека, и рече дека секој ден околу 200 лица ја посетуваат библиотеката за да читаат книги, а дека од самото постоење на библиотеката, таа е посетена од околу 20.000 лица.
- Библиотеката ќе се формира и во другите градови
Керим раскажа дека во Авганистан не постои библиотека која е наменета само за младите.
„Оваа услуга ја ставивме во функција, со цел поттикнување и охрабрување на младите и децата за читање книги. Секој ученик кој доаѓа во библиотеката, дневно чита најмалку една мала книга“, додаде тој.
Керим рече дека учениците се спријателуваат во библиотеката, и дека тие тука играат шах, со што ја развиваат нивната интелигенција.

„Врз основа на позитивните реакции и резултатите кои ги добиваме, планираме автобусот „Орев“ да го ставиме во функција и во другите градови“, рече Керим, додавајќи дека добиваат позитивни реакции од населението.
Султан Мухамед Хашими, ученик, истакна дека секој ден ја посетува мобилната библиотека во која чита книги, и дека во нивните училишта не можат да читаат поради недоволниот број книги, затоа, рече тој, библиотеката е многу корисна за нив.
Во Кабул, кој има население од 5 милиони лица, постојат само 12 библиотеки. Но, бројката на книгите во овие библиотеки не е доволна.