Турција, живот

Турција: Со авион што го поправил на терасата од куќата, лета речиси 40 години

Ајтекин Тургут од областа Илкадим, во 1989 година добил пилотска дозвола и истата година од Агенцијата за авијација на Турција купил авион од моделот „Piper PA“ од 1950 година

Mehmet Kumcağız  | 21.11.2018 - Обновена : 22.11.2018
Турција: Со авион што го поправил на терасата од куќата, лета речиси 40 години Mehmet Kumcağız/AA

Samsun

САМСУН (AA) - Стоматологот Ајтекин Тургут (72), од Самсун, Турција, речиси три децении лета со авион од 1950 година којшто го поправил на терасата од својата куќа, пишува Anadolu Agency (AA).

Тургут, во 1989 година добил пилотска дозвола и истата година од Агенцијата за авијација на Турција (THK) купил авион од моделот „Piper PA“ од 1950 година.

Леталото со помош на кран го префрлил на тераса од трикатница. По осум месеци напорна работа, авионот е вратен во првобитната состојба.

Откако авионот станал оперативен, Тургут со кран го спуштил од терасата и го префрлил до некогашниот аеродром во Самсун.

Подоцна, авионот е префрлен до пистата на Високата школа за цивилна авијација на Универзитетот во Самсун, а Тургут оттогаш ја користи секоја можност за летање.

Член е на Клубот за спортска авијација во Самсун, а стекнатото знаење и искуства сака да им ги пренесува на младите.

Во разговор за Anadolu Agency (AA) појасни дека летањето е неговата најголема љубов и дека сака да ги оствари соништата заради што и го купил авионот.

„Како дете сонував да бидам пилот. Сакам да летам. Станав стоматолог и подоцна сакав да го искористам слободното време и да го остварам сонот од детството“, рече Тургут.

Додаде и дека немал адекватен простор за сместување на авионот што го купил, поради што почнал да го поправа на терасата од куќата. Авионот во потполност го обновил и го донел во оперативна состојба. Во остварувањето на сонот му помогнале и колегите техничари.

Фотографија од архивата на Ајтекин Тургут

Истакна дека никој не му верувал дека авионот го поправил на тераса.

„Кога го купив беше во многу лоша состојба. Секој дел сам го зедов во рака. Најголема поддршка ми беа сопругата и децата. Заедно работевме. Кога немав пациенти трчав дома да го поправам авионот“, рече Тургут.

Додаде дека крилата се намонтирани на аеродромот, откако е извршен и пробен лет.

„Потоа почнав и редовно да летам. И покрај поодминатите години, летам речиси 30 години. Тоа ме прави здрав“, рече Тургут кој има намера да лета сè додека може да го прави тоа.

Љубовта кон летањето ја пренел и на децата. Еден од синовите денес е пилот во приватна авиокомпанија, а другот скока со падобран.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.