Gülsüm İncekaya
20 Ноември 2018•Ажурирај: 21 Ноември 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Ѓулсум Инџекаја
Заменик-претседателот на Турската хуманитарна фондација ИХХ, задолжен за надворешна соработка, Хасан Ајнаџи, изјави дека црвениот аларм ѕвони за повеќе од 10 милиони лица во Јемен, кој е средиште на војната за интересите на Иран, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), јавува Anadolu Agency (AA).
Тој во интервју за АА изјави дека Турција би требало да започне иницијатива на меѓународно ниво за итно доставување на хуманитарна помош на народот во Јемен, кој е соочен со голгота со војна, глад, жед и немаштија.
Истакнувајќи дека Јемен е земја која инаку нема сопствени природни ресурси, доволни за снабдување на популацијата од 28 милиони, Ајнаџи изјави дека по Арапската пролет и почетокот на војната, дури 21 милион Јеменци станале зависни од хуманитарна помош,
Тој изјави дека од тоа 10 милиони лица се зависни од хуманитарна помош од прв степен.
„Тоа значи дека тие луѓе се соочени со смрт, доколку помошта не им се достави во рок од еден месец. Хуманитарната криза со глад во Јемен, за жал е предизвикана од безбедносни проблеми. Луѓето поради тоа не можат да дојдат до доволно количество храна. Истовремено, во Јемен се јавуваат многу болести и тоа оние кои светот долго време не ги искусил“, изјави Ајнаџи.
Укажувајќи на статистичкиот податок дека 27 отсто од децата на возраст до 5 години во Јемен се соочени со болеста колера, Ајнаџи изјави дека недостигот на хигиенски средства, храна и питка вода се причина за појавата на колера во Јемен.
„Речиси 16 милиони лица во Јемен немаат пристап до чиста вода. Недостигот на вода, храна и хигиенски средства предизвикува појава на голем број епидемии. Сето тоа можеше да се спречи, но не во околности на војна и блокада на хуманитарни конвои. Поради блокадата за доставување лекови и медикаменти во Јемен, на секои 10 минути во просек умира по едно дете“, изјави Ајнаџи.
И ОН претходно ситуацијата во Јемен ја опишаа како една од најголемите хуманитарни катастрофи во блиското минато во светот, а Ајнаџи за АА изјави дека во војната потполно е срушена здравствената, образовната и секоја друга инфраструктура.
„Единствена желба на луѓето во Јемен е да преживеат. Образованието е сосема заборавена потреба. Болниците не можат да пружат адекватни здравствени и хигиенски услуги. Немаат основни средства за работа. Луѓето водат голема борба за голо преживување. Моментално, ситуацијата во оваа земја е значително полоша од ситуацијата во најсиромашните делови на Африка. Доколку хуманитарна помош не стигне овој месец, луѓето ќе почнат масовно да умираат“, изјави Ајнаџи.
Тој понатаму изјави дека поради безбедносни причини хуманитарните организации не се во можност да достават помош во сите делови на Јемен.
„Јемен е земја која од една до друга точка се протега на 1.000 километри. Затоа е невозможно од едно пристаниште или воздушна зона да се достави помош во сите региони. Постојат одредени безбедносни стандарди за доставување помош, а тоа е невозможно да се работи во зоните каде што има судири“, изјави Ајнаџи.
Тој изјави дека од Турција во Јемен работат Турската хуманитарна фондација ИХХ, Црвената полумесечина и Турската агенција за меѓународна соработка и координација (ТИКА).
Ајнаџи појасни дека Хуманитарната фондација во Јемен води хуманитарен проект за 5.000 деца без родители, како и важни проекти за помош на болниците и цивилите воопшто.
„Во Фондацијата правиме сѐ за да доставиме помош во сите делови на Јемен. Нашите активисти често ги ризикуваат и сопствените животи со влезот во воените зони. Често се заробени, но упорни се во извршувањето на својата хуманитарна мисија“, изјави Ајнаџи.
Ајнаџи тврди дека во Јемен се води војна за интересите и превласт на Иран, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).
„Овие три земји водат војна на територијата на Јемен, а не на своето тло. Го користат Јемен како шаховска табла, а жртва на сето тоа се невините луѓе. Луѓето во Јемен очекуваат многу од Турција која ја сметаат за доволно силна и искрена да помогне во решавањето на кризата“, изјави Ајнаџи.