Abdullah Aşıran
28 Ноември 2018•Ажурирај: 29 Ноември 2018
РОТЕРДАМ (АА) - АБДУЛА АШИРАН -
Велосипедот во Холандија е начин на живеење и е дел од секојдневниот живот, а него го користат граѓаните од сите генерации, почнувајќи од младите сè до старите лица, пишува Anadolu Agency (AA).
Во Холандија, позната како „земја на велосипедите“, во која живеат околу 17 милиони жители, има 23 милиони велосипеди, односно на секое семејство во просек му припаѓаат 3 велосипеди.

Велосипедот најмногу се употребува како превозно средство до работа или за превоз на децата во училиште, и без оглед на временските услови, се користи и за рекреација.
Жените користат 80 отсто повеќе велосипед во однос на мажите, односно жените годишно 180 милиони пати употребуваат велосипед, додека мажите 100 милиони пати.

Употребата на велосипедот е добра за здравјето, а во поголемите градови е средство за избегнување на сообраќајниот метеж. Исто така, велосипедот е популарно превозно средство и поради својата економичност.
Постоењето велосипедски патеки во земјата претставува предност за велосипедистите.
Во оваа земја секоја година се продаваат 1 милион нови велосипеди, а постои голема побарувачка и за користени велосипеди.

Поголемиот дел од луѓето кои уште од мали години учат да возат велосипед, користат употребувани велосипеди.
По демонстрациите одржани во 1970 година како резултат на зголемените сообраќајни несреќи, со барањето за возење велосипед на безбеден начин во Холандија почнаа да се градат велосипедски патеки.

Во Холандија има велосипедски патеки во должина од 35.000 километри. Секој поединец годишно во просек патува 888 километри со велосипед, додека низ земјата, на годишно ниво, реализирано е патување со велосипеди од 15 милијарди километри.
Оваа земја обезбедува курсеви за возење велосипед за тие што се новодојдени во земјата.
Околината на железничките станици е наменета за паркирање на велосипедите, додека во градот Утрехт во тек е изградбата на најголемиот паркинг за велосипеди во светот со капацитет од 12.500 велосипеди. Едниот дел од овој паркинг е пуштен во употреба, а во мај 2019 година се очекува изградбата на паркингот целосно да заврши.

Велосипедите најмногу се користат во главниот град Амстердам, и во градовите Утрехт и Гронинген.
Во Холандија постои опција и за изнајмување велосипед, доколку туристите покажат заинтересираност за тоа.