Aybala Arpacı
30 Август 2016•Ажурирај: 31 Август 2016
АМСТЕРДАМ (АА) - Семејствата во Холандија продолжуваат да ги испишуваат своите деца од училиштата на ФЕТО, со што во моментов бројот на испишани ученици изнесува 320, јавува Anadolu Agency (AA).
Според холандскиот печат, пред почетокот на новата школска година во Амстердам, од основното училиште „Уајт тулп“ (Witte Tulp) се испишале 100 од 400-те ученици, додека од основното училиште „Космикус импус“ (Cosmicus Impuls), од 125-те ученици се испишале 50.
Во градот Зандам оваа брoјка изнесува 120, додека во Ротердам и во останатите градови, од училиштата на ФЕТО се испишани 50 ученици.
На тој начин, пред почетокот на школската година во Холандија, од училиштата на ФЕТО се испишани 320 ученици, а во престојните денови се очекува оваа бројка да се зголеми.
- Родителите презедоа акција -
Фатма Касал ги испишала своите два сина на 5 и 10-годишна возраст од училиштето „ИБС Де Роос“ во Зандам. Таа истакна дека за време на обидот за државен удар во Турција била многу загрижена за состојбата во Турција и ги следела вестите до раните утрински часови.
По обидот за државен удар, госпоѓа Касал контактирала со останатите родители кои имале свои деца во училиштето на ФЕТО и донеле заедничка одлука да ги испишат своите деца од училиштето „ИБС Де Роос“ во Зандам.
Откако побарале да ги испишат своите деца од училиштето, реагирало раководството на училиштето, кое тврдело дека немаат никаква поврзаност со ФЕТО, но госпоѓа Касал потсети дека како родител, на некои од заедничките состаноци била сведок и ги слушала разговорите на лидерот на ФЕТО, Фетула Ѓулен, по што подоцна не земала учество на таквите средби.
- „Испратено писмо со закана“ -
Лејла Ѓузхан рече дека од училиштето го испишала својот 8-годишен син.
„По обидот за државен удар во Турција бев многу загрижена и уплашена. Ме фати паника дали моето дете на училиште се школува или ги слуша говорите на Ѓулен и се образува во таа насока. Почувствував потреба да го испишам од училиштето и ги преземав потребните чекори“, зборуваше госпоѓа Ѓузхан.
Таа изјави дека поради барањето да го испише својот син од училиштето, ѝ се заканиле: „Јас лично добив заканувачко писмо. Ме обвини директорот на училиштето и ми се закани дека против мене ќе биде подигнато обвинение за материјален и морален надомест“.
Ѓузхан рече дека заканувачкото писмо не ја заплашило, дури не почуствувала потреба ниту да побара помош од адвокат.
„Заплашувањето е напразно. Мислам дека ништо нема да се случи“.
- Училиштата на Фето во Холандија -
ФЕТО во Холандија има две гимназии, осум основни училишта и едно училиште за курсеви.
Во холандскиот печат училиштата на ФЕТО се дадени по следниот редослед: Колеџ „Космикус“ (Ротердам), гимназија „Метис Монтесори“ (Амстердам), „Роос“ верско основно училиште – „ИБС Де Роос“ (Пурмеренд и Зандам), „Роос“ основно училиште – „ОБС Де Роос“ (Амстердам), основно училиште „Космикус“ (Ротердам, Лахеј и Арнем), основно училиште „Космикус-Импулс“ (Амстердам), основно училиште „Уајт Тулп“ (Witte Tulp) (Амстердам) и „ИНПОИНТ“, училиште за курсеви (Мердере).