Ekipa
07 Јуни 2016•Ажурирај: 08 Јуни 2016
ФЕНИКС (АА) - Мухамед Али никогаш сериозно не ја разгледувал можноста да го донира својот мозок на истражување ниту некогаш го обвинуваше боксот за својата болест, изјави лекарот на легендарниот бокскер, Абе Либерман, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Но и неговото семејство не размислуваше за тоа навистина”, изјави Либерман на прес конференцијата во Центарот за Паркинсонова болест „Мухамед Али”, на Невролошкиот институт во Феникс.
Тој истакна дека не смета дека Али поради боксот ја добил Паркинсоновата болест, но дека не е во потполност сигурен во тоа.
Либерман се наоѓа меѓу оние кои во 1984 година ја дијагностицираа болеста на Али, Паркинсоновата болест, а оттогаш е негов најдобар лекар и добар пријател.
Мухамед Али, кој почина во петокот во Аризона, во едно од интервујата изјави дека претрпел сериозни повреди на мозокот за време на борбата со Лари Холмс во 1980 година. Тогаш легендарниот боксер изјави дека не би се борел против Холмс, да знаел дека ќе му го оштети мозокот.
Либерман, меѓутоа, наведе дека Али веројатно веќе ја имал Паркинсоновата болест и пред да се качи во рингот со Холмс и дека никогаш не го слушнал да го обвинува боксот за својата болест.
„Мухамед Али не жалеше поради боксот. Тој навистина не зборуваше за тоа на тој начин. Беше побожен и веруваше дека сè што се случува е Bожја волја” , изјави Либерман.
Докторката во споменатиот центар, Холи Шил, истакна дека истражувањето покажало дека оние кои имаат историја на повреди на главаta, имаат повеќе шанси да заболат од Паркинсонова болест.
„Кај луѓето кои немаат историја на повреди на глава, ризикот од добивање на Паркинсонова болест во 60-та година е еден отсто. Ако ги погледнете луѓето кои имаат таква историја или значајна повреда поради која би требале да отидат во болница на преглед, тој број изнесува 1,5 отсто”, изјави Шил.
Мухамед Али во една пригода пресмета дека примил 29.000 удари во глава, но не е спроведено истражување што би можело да се предизвика од толкав број на удари.