Mustafa Keleş,Canberk Yüksel,Hasan Hüseyin Köşger
09 Јуни 2016•Ажурирај: 10 Јуни 2016
ЛУИСВИЛ (AA) - Во градот Луисвил денес се одржа погребната церемонија на Мухамед Али кој почина во 74 година од животот, јавува Anadolu Agency (AA).
Илјадници луѓе од целиот свет присуствуваа на погребната церемонија во спортската сала "Freedom Hall" каде легендарниот боксер го запиша својот прв професионален меч.
На погребната церемонија која беше извршена според исламските обичаи, присуствуваа голем број познати личности, вклучувајќи го турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, британскиот музичар Јусуф Ислам и активистот за човекови права Џеси Џексон.
Беа читани делови од Куранот, а потоа телото на Мухамед Али е донесено до салата.
Верскиот обред од денешната церемонија на боксерскиот великан го предводеше имамот Заид Шакир.
Инаку, последното простување од Али продолжува утре во Центарот "KFC Yum!". Се очекува таму да бидат присутни претставниците на сите религии. Говори ќе одржат поранешниот американски претседател Бил Клинтон, актерот Вил Смит, кој го глумеше Али во филмот снимен 2001 година, комичарот Били Кристал и спортскиот водител Брајант Гамбел.
Мухамед Али ќе биде погребан утре на гробиштата „Cave Hill".
Порпаролот на семејството на Али, Боб Гунел, на прес-конференцијата изјави дека биле поделени бесплатни влезници за комеморацијата во Центарот „KFC Yum” и дека влезниците се раздадени за многу краток временски период.
Али боледуваше од Паркинсонова болест откако престана да се занимава со боксот. Откако беше хоспитализиран поради респираторни проблеми почина во болница во Феникс.
Од почетокот на кариерата покажуваше исклучителен талент за бокс. Практикуваше нетипичен начин на борба со спуштен гард и брзо движење низ рингот.
Во аматерскиот бокс кариерата ја заврши со освојување на златниот медал на Олимписките игри во Рим во 1960 година во тешка категорија. Првата борба за титулата првак во професионалниот бокс ја имаше веќе во 1962 година, кога во контроверзниот меч го победи Сони Листон.
Боксерот до својот 61 меч забележа 56 победи, од нив 37 нокаути. Американскиот боксер Касиус Марселус Клеј Јуниор во 1964 година премина во ислам и го зеде името Мухамед Али.