Fuat Kabakcı
03 Февруари 2019•Ажурирај: 04 Февруари 2019
ПЕКИНГ (АА) - ФУАТ КАБАКЏИ -
Празникот на пролетта, како најважен и најсвечен празник во Кина, го симболизира почетокот на Новата година по кинескиот лунарен календар, а истовремено е и единствена можност за собирање на семејствата, што доведува до големи миграции и огромен метеж во сообраќајот, пишува Anadolu Agency (AA).
Овој празник датира од периодот на династијата Шанг, a традицијата е долга над 4.000 години. Празникот трае 7 дена, но прославувањето и фестивалот дури 40 дена.
Кинезите на овој празник излегуваат од годината на песот и влегуваат во годината на свињата.

Главна одлика на Празникот на пролетта во Кина е собирањето на семејствата, па стотици Кинези од големите градови на овој празник ги посетуваат своите фамилии во руралните делови на земјата.
Празничните миграции започнаа на 13 јануари и ќе траат до 21 февруари, кога веќе сите Кинези би требало да бидат во кругот на семејствата за дочекот на празникот.
Формално, Новата кинеска година настапува на 5 февруари и како Празник на пролетта се слави 7 дена.
Оваа година за празничните денови во Кина се очекува да бидат реализирани над 3 милијарди патувања, како и во изминатите години.
Железницата е најчестиот избор на Кинезите за празничните патувања, а тоа е посебна радост за речиси 300 милиони Кинези кои работат во големите градови далеку од своите семејства.

Од друга страна, со оглед на тоа што работничката популација заминува во покраините, а и градската популација го користи празникот за патување, големите кинески метрополи во периодот на Празникот на пролетта веќе не се место на метеж, туку низ нивните улици краток период владеат мир и тишина.
Шиао Зоу, еден од Кинезите кој со воз патува за Пекинг, преку Тианџин во родниот Хух-хото каде што живее неговото семејство, за АА рече дека се радува на новата средба со семејството.
„Сите се собираме и Новата година ја дочекуваме со традиционални јадења и дружење со најблиските. Ова се најубавите денови во годината кои сите со нетрпение ги исчекуваме“, рече Шиао.
И Џанг Шаолеј истакнува дека е восхитен и дека со цело срце ја очекува средбата и дружењето со сопругата и децата кои живеат во Хуаибеј.
„Многу ми недостигаат, особено двегодишниот син кој ме нема видено со месеци. Се чув со нив, но не им кажав дека доаѓам. Сакам да ги изненадам“, рече Џанг.
Ли Су е уште еден од работниците кој не крие дека работата во Пекинг меѓу популација од 22 милиона му претставува голем предизвик и копнеж по семејството кое живее во далечната покраина Шандонг.
„Со нетрпение ја исчекувам средбата со сопругата и детето. Со ноќи не спиеме од возбудување“, рече Ли.