Бања баши џамија - единствената активна џамија во Софија
Сместена во самиот центар на градот, џамијата важи за едно од најважните културни наследства што го привлекува вниманието како на локалното население, така и на туристите кои ја посетуваат Софија
СОФИЈА (АА) - Џамијата „Бања баши“, единствената активна џамија во бугарската престолнина Софија, привлекува внимание како една од најзначајните историски градби што успеале да опстанат од османлискиот период до денес, јавува Анадолу.
Изградена во далечните 1566-1567 години по налог на кадијата Сејфула Ефенди, џамијата се издвојува со својот план со една купола и тенкото минаре, кои ги одразуваат карактеристиките на класичната османлиска архитектура.
Оваа историска џамија, која го чува своето постоење речиси пет века, е позната и под имињата „Џамија на Кади Сејфула Ефенди“ и „Мола Ефенди џамија“. Таа ги задоволува верските потреби на муслиманската заедница во Софија и е особено посетена за време на петочните и бајрамските молитви.

Сместена во самиот центар на градот, џамијата важи за едно од најважните културни наследства што го привлекува вниманието како на локалното население, така и на туристите кои ја посетуваат Софија.
- Османлиско наследство во Софија -
Регионалниот муфтија на Софија, Бејхан Мехмед, во разговор за Анадолу (АА), истакна дека „Бања баши“ е една од највредните градби што останале исправени по Османлиско-руската војна.

Мехмед потсети дека ова историско значење не останало незабележано ниту од славниот патописец Евлија Челебија, кој ја посетил Софија во 17 век, а во својот патопис ја опишал џамијата како „една од најубавите во градот“, нагласувајќи дека објектот е клучен верски центар за муслиманите во Софија.
„Просторот на џамијата често е недоволен за верниците, па затоа за време на петочните и бајрамските молитви, верските обреди се одржуваат во места надвор од објектот“, вели тој.
Објаснувајќи го потеклото на името, Мехмед рече: „Името на џамијата Бања баши, во буквален превод значи „пред бањата“, именувана по амамите кои некогаш ја опкружувале. Затоа меѓу народот е позната како Бања баши џамија.“
Тој додаде дека некогаш околу џамијата, покрај бањите и пазарите, се наоѓал и мавзолејот на Кади Сејфула Ефенди, кој бил срушен по Османлиско-руската војна.

- Дали е дело на Мимар Синан?
Иако архивите немаат дефинитивни докази, народот и историчарите во линиите на „Бања баши“ го препознаваат познатиот Мимар Синан. Нејзината сличност со истанбулските џамии, како што се џамиите „Рустем-паша“ и „Соколу Мехмет-паша“, ја подгрева тезата дека токму големиот мајстор го оставил својот потпис на софиската џамија.
„Низ текот на годините, џамијата претрпела многубројни реставрации“, рече Мехмед.
„Најголемата реставрација беше спроведена од страна на ТИКА меѓу 2012 и 2017 година. Беше извршена навистина сеопфатна работа со која на џамијата ѝ беше вратен оригиналниот изглед.”
„Џамијата е под надлежност на Главното муфтиство, а за нејзиното одржување се грижи Регионалното муфтиство на Софија. Бидејќи претставува културно наследство, таа е заштитена во рамките на законите за културно наследство на Министерството за култура на Бугарија“, изјави тој.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
