живот

Сто десетгодишната Шемси Килич ги раскажа тајните на здравиот живот

„Порано немаше вакво изобилство. Многу сакав јогурт. Јадев многу јогурт, секогаш го носев со себе. Ние не јадевме купечки јогурт. Млекото го варевме и сами правевме јогурт. Сега го купуваат од продавница, го носат, но нема никаков вкус.“

Müzahim Zahid Tüzün  | 20.03.2026 - Обновена : 20.03.2026
Сто десетгодишната Шемси Килич ги раскажа тајните на здравиот живот Фото: Müzahim Zahid Tüzün/AA

КАЈСЕРИ (AA) - Сто десетгодишната Шемси Килич, која живее во турскиот град Кајсери, на младите им препорача за здрав живот, пред сè, да се хранат со природна храна, особено јогурт, но и да работат, пишува Анадолу.

Килич, која е родена во 1916 година во Кајсери, го изгубила татко ѝ кога имала само три години и останала сираче, па уште од мала возраст почнала да работи селски работи.

Живеејќи со природна храна и без да го изостави јогуртот од трпезата, Килич, се занимавала со сточарство, собирала дрва, ткаела килими и работела на нивата и во градината на планината позната по чистиот воздух, што ѝ го продолжило животот.

Пред околу 20 години го изгубила сопругот, има седум деца и 30 внуци, а ја доживеала среќата да види и три правнуци.

Поради напреднатата возраст, Килич во 2017 година се преселила кај синот Мустафа во Кајсери, напуштајќи го многу саканиот селски живот.

Шемси Килич за АА изјави дека по смртта на татко ѝ, уште како мала, заедно со мајка ѝ и еден брат, започнале борба за живот.

Килич истакна дека уште од мала возраст се соочувала со тешкотии: „Мајка ми нè израсна. Кога умрел татко ми, брат ми имал една година, а јас три. Мајка ми работеше кај други. Работев, косев жито на планина, собирав дрва, секогаш живеев на село.“

Таа изјави дека по стапувањето во брак почнала да живее со семејството на сопругот и ги одгледала и помалите девери.

- „Целиот живот ми помина во работа“ -

Таа додаде дека никогаш не престанала да работи и рече:

„Порано немаше вакво изобилство. Многу сакав јогурт. Јадев многу јогурт, секогаш го носев со себе. Ние не јадевме купечки јогурт. Млекото го варевме и сами правевме јогурт. Сега го купуваат од продавница, го носат, но нема никаков вкус. Во наше време немаше чај, јадевме јогурт, пиевме матеница. За да живееш здраво, треба да јадеш многу јогурт, да јадеш путер и да работиш. Има ли леб за оној што не работи? Сега искрено сакам да работам. Ако ми служат рацете, ќе работам. Целиот живот ми помина во работа.“

Килич изјави дека постела во месецот Рамазан до 109 години, но дека оваа година не можела да пости и дека е тажна поради тоа.

Раскажа дека нејзиниот син Мустафа и снаата Семиха многу добро се грижат за неа.

„Воздухот на нашата планина беше чист, водата студена. Ги молзев овците, го варев млекото и правев јогурт. Потоа одевме по дрва. Имавме многу работа, сега нема работа. За два килограма шеќер и чај ткаевме намазлик. Ни чај немаше. Таква сиромаштија имаше во наше време. Ми недостасуваат тие денови“, рече таа.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.