„Не можев да ги оставам“ – либанска љубителка на животни спаси 40 мачки од израелските напади
Присетувајќи се на ноќта на 2 март, Абади за дописникот на Анадолу ги опиша моментите исполнети со стравување, ноќта кога звукот на експлозиите ја разбудил од сон, а таа воопшто не знаела што да прави
БЕЈРУТ (АА) - Во срцето на Бејрут, каде што воените звуци повторно го нарушија мирот, 57-годишната Дијана Абади била принудена да го напушти својот дом заедно со 40 бездомни мачки за кои се грижи откако Израел ги насочил нападите врз областа Дахије, јавува Анадолу.
Абади, која со години живее во јужниот дел на Бејрут, во областа Дахије, ги претворила својот дом и работно место во засолниште за улични мачки. Бројот на животни за кои се грижела Абади, која ги лекувала повредените и немоќните мачки, со текот на времето се искачил и до 70.
Сепак, откако Израел на 2 март започна интензивни напади врз областа Дахије и го принуди локалното население на раселување, Абади била принудена да го напушти домот заедно со 40 свои мачки.

Таа моментално се обидува да го продолжи животот со своите миленичиња наоѓајќи привремено засолниште во падините на планината Либан, во градот Башамун.
Присетувајќи се на ноќта на 2 март, Абади за дописникот на Анадолу ги опиша моментите исполнети со стравување, ноќта кога звукот на експлозиите ја разбудил од сон, а таа воопшто не знаела што да прави.
Истакнувајќи дека по нападот улиците набрзо се испразниле и дека не останал никој во околината, Абади раскажува: „Излегов надвор и видов како луѓето ги товарат своите работи во автомобилите. Не знаев што да правам. Не можев да одберам една и да ги оставам другите мачки зад себе.“
Ноќта ја поминала чекајќи во својот автомобил, а кога почнало да се разденува, повторно влегла во зградата и почнала да ги пренесува мачките.
Таа раскажува дека сама ги носела мачките до автомобилот: „Ги земав две по две и ги ставав во колата. Немаше кој да ми помогне“.
Абади истакна дека во моментот кога ја напуштала областа, во населбата одекнала силна експлозија: „Свртев со автомобилот и побегнав заедно со мачките. Не се ни сеќавам како стигнав. Првпат во животот доживеав вакво нешто.“
Љубовта кон животните ја носи уште од детството.
„Мачките навистина ми значат многу. Ги сакам животните од мала. Не само мачките, ги сакам кучињата, птиците, сè што е во природата.“
Абади упати апел до сопствениците на миленичиња, дека во услови на војна и криза, животните не треба да се оставаат зад себе.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
