Ahmed Asmar,Rania R.a. Abushamala
24 Септември 2024•Ажурирај: 25 Септември 2024
КУДС (ЕРУСАЛИМ) (АА) - Израелската Армија денес соопшти дека започнала нов бран воздушни напади врз позиции на Хезболах во Либан, пренесува Анадолу.
Во соопштението на војската се вели дека воени авиони погодиле локации поврзани со Хезболах во долината Бека и други подрачја на јужен Либан, меѓу кои и објекти за кои Израел тврди дека се користат за складирање оружје, командни центри и друга воена инфраструктура.
„Продолжуваме со нашите напори за да ги ослабиме и разбиеме воените капацитети и инфраструктурата на Хезболах“, соопшти Армијата.
Новиот бран напади се случува по еден ден откако Армијата соопшти дека погодила над 1.100 цели на Хезболах во последните 24 часа во јужните и источните делови на Либан, со над 1.400 вида различна муниција во околу 650 лета на нејзините борбени авиони.
Најмалку 558 лица се убиени, меѓу кои 50 деца и 95 жени, а 1.835 се повредени во израелските напади во Либан од вчераутро, изјави либанскиот министер за здравство Фирас Абиад.
„Повеќето од жртвите во израелските напади од вчераутро се беспомошни цивили во нивните домови.“
Хезболах и Израел разменуваат прекуграничен оган од почетокот на израелската војна во Газа, во која од 7 октомври досега се убиени над 41.400 лица, главно жени и деца.
Меѓународната заедница предупреди за нападите врз Либан, поради тоа што тие ја зголемуваат опасноста за регионално проширување на конфликтот од Газа.