Amina Zorniç
19 Октомври 2016•Ажурирај: 20 Октомври 2016
САРАЕВО (АА) - Со полагање цвеќе на гробиштата на паднатите борци, Ковачи во Сараево, одбележана е 13-годишнината од смртта на првиот претседател на Претседателството на Република Босна и Херцеговина, Алија Изетбеговиќ, јавува Anadolu Agency (AA).
Цвеќе положија многу делегации од државното, федералното и од пониското ниво на власта во БиХ, претставници на дипломатскиот кор, боречки здруженија, членови на Партијата на демократски акции (СДА) и други.
Ќерката на Алија Изетбеговиќ, Лејла Акшамија, потсети дека нејзиниот татко имал огромно искуство и како татко на три деца, човек кој водел претпријатие, човек кој што бил во затвор и човек што имал задача да ја брани БиХ за време на агресијата.
„Тој имаше сила да стави сѐ на хартија, целата филозофија на животот, читајте го она што го напишал, неговите мудрости и пораки, бидејќи мислам дека е штета тоа да остане на полиците. Тука ќе се најдат пораки за младите, сето она што би требало да го прифатат и без некое ново искуство што би можело да биде потешко отколку искуството '92-95'“, изјави Акшамија.
На прашањето колку често се сеќава на својот татко во секојдневниот живот, Акшамија истакна дека тоа е сигурно многу почесто отколку на денешниот ден.
„Можеби секој втор ден се присетувам на Алија Изетбеговиќ како на татко и државник. Секој ден помислувам што би рекол тој за некоја моја постапка и одлука. Беше силен авторитет, но необичен човек, ни даваше слобода свесно ризикувајќи да направиме грешка. Мојот татко беше подготвен да направи грешка во воспитувањето, но ние на крајот да го пронајдеме својот вистински пат. Тој не ја ограничуваше нашата слобода, беше демократ и во куќата. Принципите што тој ги имаше беа присутни, но не нѐ спречуваа како личности. Успеавме сите тројца, и Бакир и Сабина и јас се најдовме во својот свет, својата работа како слободни луѓе. Тоа е човек кој беше вистински верник и либерален човек, го красеше скромноста и храброста“, нагласи Акшамија.
На обележувањето на 13-годишнината од смртта на Изетбеговиќ присуствуваше и амбасадорот на Република Турција во БиХ, Џихад Ергинај.
„Денеска сме тука за да оддадеме почест на Изетбеговиќ, како и секоја година. Се потсетуваме на неговата личност, неговото постоење и филозофија“, нагласи Ергинај.
Алија Изетбеговиќ беше првиот претседател на меѓународно признатата држава БиХ и врвен командант на армијата на БиХ за време на агресијата над оваа земја. Изетбеговиќ е роден во 1925 година, во Шамaц. Пораснал и се школувал во Сараево, каде што дипломирал на Правниот факултет.
Како правен советник работел во повеќе сараевски претпријатија. Поради своите политички определби и дејствувања, двапати е затворан и осудуван. Во познатиот, политички монтиран „Сараевски процес“, како првообвинет во групата од тринаесет муслимански интелектуалци, осуден е на 14 години затвор.
Тој беше иницијатор за формирањето на Партијата за демократска акција и на првиот основачки собир на СДА, на 25 мај 1990 година, стана нејзин прв претседател.
По победата на СДА на првите повеќепартиски парламентарни избори во 1990 година, Изетбеговиќ е признат за прв претседател на Претседателството на Република БиХ. Тој е избран за член, а потоа и за претседавач на Претседателството на БиХ.
По 10 години вршење на функцијата член на Претседателството на БиХ, од здравствени причини, во 2000 година поднесе оставка на местото член на Претседателството на БиХ. Автор е на поголем број публицистички трудови, студии и книги коишто се преведени на повеќе светски јазици.
По повод неговата смрт, вечерва во Градскиот совет во Сараево ќе биде одржана свечена академија.