Kemal Zorlak
08 Јули 2019•Ажурирај: 08 Јули 2019
САРАЕВО (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, ги посети денес гробиштата „Ковачи“ во Сараево, каде што положи цвеќе на гробот на првиот претседател на Претседателството на Босна и Херцеговина, Алија Изетбеговиќ, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган денес пристигна во дводневна посета на Босна и Херцеговина, во рамките на којашто ќе присуствува на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, со кој претседава Босна и Херцеговина.
По посетата на турската воена мисија, која делува во состав на силите на ЕУФОР во БиХ, Ердоган ги посети гробиштата „Ковачи“ и положи цвеќе на гробот на првиот претседател на Претседателството на Босна и Херцеговина, Алија Изетбеговиќ.
Со Ердоган на гробот положија цвеќе и членoт на Претседателството на БиХ, Шефик Џаферовиќ, и претседателот на Домот на народите при Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ.
Во придружба на Ердоган беа и неговата сопруга, Емине Ердоган, шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, министерот за финансии и трезор, Берат Албајрак, министерот за транспорт и инфраструктура, Џахит Турхан, и други членови на високата турска делегација.
За време на посетата, турскиот претседател Ердоган на своето палто го носеше „Цветот на Сребреница“, кој го симболизира сеќавањето на жртвите од геноцидот во тој град.
Ердоган денеска ќе оствари средба со членовите на Претседателството на БиХ.
Во текот на денот најавена беше и средба на Ердоган со Изетбеговиќ, како и учество на свечената вечера во зградата на Претседателството на БиХ.
По состанокот со Изетбеговиќ, се планира средба на Ердоган со словенечкиот претседател, Борут Пахор.
Утре, на вториот ден од посетата, турскиот претседател ќе присуствува на самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), а на маргините на самитот би требало да се сретне и со претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.
Во придружба на сопругата Емине Ергодан, турскиот претседател во Сараево треба да присуствува и на испраќањето на посмртните останки на жртвите од геноцидот во Сребреница, кои ќе бидат погребани во Поточари на 11 јули, на 24-та годишнина од тоа злосторство.