Admir Fazlagic
17 Октомври 2016•Ажурирај: 18 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - Стотина стечајци од Куманово, Скопје, Крива Паланка, но и другите градови од земјава организирани од здружението на стечајците УНИТ денеска ја блокираа раскрсницата пред зградата на Основниот суд -Скопје 1, во знак на револт, од како што велат, децениски нерешеното прашање на стечајците, јавува Anadolu Agency (AA).
Лилјана Георгиевска, претседателка на здружението на стечајците УНИТ, вели дека денеска стечајците од неколку града од Македонија, дошле во знак на нејзината поддршка поради повикот да се јави во скопскиот суд, каде треба да одговара за како што рече нанесена материјална штета на државата и нарушување на јавниот ред и мир на протестите од 2014 година.
„Овие луѓе се заедно со мене денеска за да ми искажат поддршка, бидејќи денес требаше да бидам на закажано рочиште и да одговарам за нарушување на јавен ред и мир и причинета штета. Но, рочиштето се одложи за 19.10.2016 година", рече Георгиевска, додавајќи дека стечајците денеска ги блокираат улиците сакајќи да ја подигнат јавната свест за нивната, како што вели, многу лоша состојба, барајќи од надлежните институции да бидат обештетени.
„Ја блокиравме раскрсницата за да бидеме приметени, да ни се слушне гласот. Ние сме заборавени од сите. Не бараме ништо што не ни следува, бараме обештетување во износ од 6.000 денари само за да можееме да ги покриеме трошоците што ги имаме кон државата. Тоа е нашето барање", појасни таа.
Георгиеска додаде дека стечајците и во наредниот период ќе организираат собири, со цел да се исполнат нивните барања.