САРАЕВО (AA) - По повод одбележувањето на 14-годишнината од смртта на првиот претседател на Босна и Херцеговина, Алија Изетбеговиќ, денеска на шехидските гробишта „Ковачи“, ќе биде положено цвеќе на централниот мезар на шехидите на Босна и Херцеговина и на турбето на Алија Изетбеговиќ, јавува Anadolu Agency (AA).
Делегациите ќе положат цвеќе во 11 часот, по што ќе следува верскиот дел од церемонијата.
На присутните ќе им се обрати Шефик Џаферовиќ, потпретседател на Партијата за демократска акција (СДА) и заменик-претседавач со Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина. Свечената академија ќе се одржи на истиот ден, во Народниот театар Сараево.
- Зад Алија Изетбеговиќ останаа големи дела
Алија Изетбеговиќ е роден на 8 август 1925 година, во Босански Шамац. Припаѓа на угледно беговско семејство кое живеело во Белград, а кое уште 1868 година се преселило во Босански Шамац. Веќе во втората година од животот на Изетбеговиќ, неговиот татко Мустафа, кој се занимавал со трговија и банкарство, одлучил да се преселат во Сараево. Таму Изетбеговиќ завршил основно училиште и гимназија.
Поради припадноста на организацијата „Млади муслимани“, Алија Изетбеговиќ е уапсен во 1946 година и осуден е на тригодишна затворска казна. Од затвор излегол во 1949 година.
Откако по тригодишно студирање ја напуштил агрономијата, Изетбеговиќ запишал Правен факултет, кој успешно го завршил во рок од две години. Од 1950 до 1960 година работел како раководител на градилиште, а од 1960 до 1982 година, како правен советник во повеќе сараевски фирми.
Во пролетта 1983 година е уапсен и летото истата година, во монтираниот „Сараевски процес“ е осуден на 14 години затвор. Во затвор помина шест години.
По излегувањето од затвор, Изетбеговиќ во 1990 година со група истомисленици ја формира Партијата за демократска акција (СДА), која на слободните извори освои најмногу гласови и којашто подоцна ќе одигра клучна улога во одбраната на БиХ од агресијата. Изетбеговиќ повеќе мандати беше на чело на државата и на СДА.
Одлуката за повлекување од Претседателството на БиХ ја соопшти на 6 јуни 2000 година. Тој најави дека ќе се повлече по истекот на функцијата претседавач на Претседателството на БиХ, на 12 октомври истата година. Исто така, одби да се кандидира на Третиот конгрес на СДА во 2001 година и беше прогласен за почесен претседател на СДА.
Изетбеговиќ е автор на поголем број публицистички дела и студии, како и на книгите „Исламот помеѓу истокот и западот“, „Проблемите на исламскиот препород“ и „Исламска декларација". Овие книги се преведени на неколку јазици и објавени се во повеќе земји. Во 1999 година ја објави книгата „Моето бегство во слобода“, а во 2000 година е објавена книгата „Сеќавања" (автобиографски запис). Во 2004 година се објавени собраните дела на Алија Изетбеговиќ во 10 тома.
Добитник е на низа признанија и награди како што се Наградата на кралот Фејсал, медалот на Центарот за демократија од Вашингтон, а највлијателниот шпански весник во 1995 година, мадридскиот „Ел-Мундо“, го избра Алија Изетбеговиќ за личност на годината во светот.
Истанбулскиот Универзитет „Мармара“ во 1997 година му ја додели титулата почесен доктор на правни науки, за придонес во заштитата на човековите права, воспоставување мир, но и како на угледен правник. На форумот во Кран Монтана во 1998 година стана добитник на престижната награда за унапредување на човековите права.
- Изетбеговиќ го почитуваше целиот свет
Алија Изетбеговиќ почина на 19 октомври 2003 година, а закопан е на шехидските гробишта „Ковачи" во Сараево. На неговиот погреб присуствуваа околу 150 илјади луѓе од цела БиХ и од странство, а телеграми на сочувство пристигнаа од околу 100 земји.
Ќе остане запаметена изјавата на Ричард Холбрук, творецот на Дејтонскиот договор: „Да не беше Алија Изетбеговиќ, денеска ќе ја немаше ниту Босна и Херцеговина“.
Тогашниот премиер, а сегашен претседател на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, на веста дека починал првиот претседател на Босна и Херцеговина, Алија Изетбеговиќ, изјави дека тоа го потресе неговиот народ и него од дното на душата.
„Изетбеговиќ е човек што со својот живот и дело влијаеше на историјата. Неговата мисија е израз на човековата чест и извонредна истрајност, што претставуваше чест за целиот свет. За вредностите во коишто веруваше, за својата држава и за својот народ, тој е неисцрпен извор на храброст и исклучителна вредност. Болката по повод смртта на Изетбеговиќ, мојот народ и јас ја делиме со народот на Босна и Херцеговина“, рече Ердоган.
Во името на Владата на Малезија, тогашниот премиер Мухамед Махатир изрази искрено жалење поради смртта на Алија Изетбеговиќ, поранешниот претседател на Претседателството на БиХ.
„Претседателот Изетбеговиќ беше голем лидер на Босна и Херцеговина кој целиот свој живот го посвети на доброто на својот народ, како и на неговиот напредок и просперитет. Тој, исто така, беше голем лидер и пријател на Малезија, кој направи многу за јакнење на односите на двете држави“, наведе Махатир по повод веста за смртта на Изетбеговиќ.
И тогашниот претседател на Република Хрватска, Стјепан Месиќ, нагласи дека Алија со својата особеност и политичкото дејствување силно ги одбележал случувањата во БиХ.
„Целиот свој живот го подреди на политичкото дејствување и не го скршија ниту тешките години од затворскиот живот. Неопитна е неговата државничка улога во воените и во повоените години во БиХ, тој тежок период за сите држави на подрачјето на поранешна Југославија. Често се сретнував со него на безброј мировни конференции, кои за жал, не успеаја да ја спречат војната, а нашето познанство го продолживме и подоцна, кога БиХ успеа да се одржи како самостојна држава", истакна тогаш Месиќ.
И многумина други функционери од светот, регионот, искажаа пофални зборови и почитување кон ликот и делото на Алија Изетбеговиќ.
news_share_descriptionsubscription_contact
