Adel Ömeragic
19 Октомври 2017•Ажурирај: 19 Октомври 2017
СВЕТИ СТЕФАН (АА) - Четвртиот по ред „Global citizen forum“, под наслов „Можности во време на неизвесност“ започна денеска на Свети Стефан. По Монако, Торонто и Дубаи, на Црна Гора ѝ припадна честа да биде домаќин на овој настан, на којшто се собраа светски лидери, членови на кралски семејства и филантропи, јавува Anadolu Agency (AA).
Бидејќи светот се соочува со голем спектар од ризици и неизесност, форумот е поставен да дејствува како платформа за размена на информации за идентификација на новите можности за економска миграција и интеграција.
Свеченото отворање на форумот го изврши премиерот на Црна Гора, Душко Марковиќ. Во своето воведно излагање на темата „Космополитизмот од една страна и припаѓањето кон државата и кон нацијата од друга страна“, Марковиќ истакна дека технолошките револуции и економската глобализација драматично ги приближија и ги поврзаа граѓаните од сите краеви на светот, но истовремено, донесоа опасност финансиската, политичката и културната елита да се оддалечи од своите сонародници и ја загуби нивната доверба.

„Верувам дека граѓанинот на светот мора ги сноси и оние одговорности што ги имаме на локално и на национално ниво. Во тој контекст, специфична е позицијата на националните влади коишто се должни, што е нивна првенствена обврска, да ги застапуваат, штитат и да ги промовираат националните интереси. Го разбирам стравот на глобалниот граѓанин од последиците што можат да настанат доколку секоја влада ги следи само и исклучиво своите национални интереси. И тоа навистина не е без основа, кога се во прашање некои глобални или пошироки регионални теми, како што се климатските промени, борбата против глобалното затоплување или големите миграции. Се залагам за баланс и рамнотежа меѓу визијата за космополитизам и возвишените цели за коишто се залагаат глобалните граѓани од една страна, и обврската и должноста што ја имаат кон своите сограѓани, кон своите држави од друга страна“, рече Марковиќ.
Споменувајќи го примерот со Црна Гора, Марковиќ истакна дека Његош, како визионер, поет и филозоф, морал да биде и граѓанин на светот, а денешна Црна Гора продолжува да го носи Његошевиот зрак светлина, врзувајќи ја иднината со вредностите на западната цивилизација и определувајќи се за припадност кон најмоќните безбедносни, економиски и демократски заедници - НАТО и Европската Унија.
„Градејќи такво отворено општество, верувам дека создаваме најдобри предуслови за секој наш граѓани кој така се чувствува и има реални основи да биде граѓанин на светот. И секој граѓанин на светот што ќе дојде во Црна Гора ќе се чувствува удобно, независно дали е само турист, потенцијален инвеститор или учесник на ваков форум на високо ниво”, рече црногорскиот премиер Марковиќ.
Настанот на Свети Стефан собра голем број познати личности. Меѓу учесниците се и актерот Роберт де Ниро, директорката на УНЕСКО, Ирина Бокова, мотивирачкиот говорник и писател Робин Шарма, поранешниот претседател на Европската комисија Жозе Мануел Баросо, Чери Блер, сопругата на поранешниот британски премиер Тони Блер, пензионираниот командант на НАТО силите за Европа, Весли К. Кларк и многумина други.
Се очекува на Форумот да учестува и премиерот на Антигва и Барбуда, Гестон А. Брауни, по што ќе се расправа за страотните последици предизвикани од ураганот Ирма, кој ги погоди овие острови. Во расправата се очекува да учествува и актерот Де Ниро, кој помага за публицитетот на напорите за собирање средства за погодените Карипски острови, кои исто така беа зафатени од овој страотен ураган. Собраните средства од аукциската вечера ќе бидат наменети за обнова на Антигва и Барбуда.
Жозе Мануел Баросо, поранешниот претседател на Европската комисија, ќе зборува за променливата природа на европското граѓанство, додека славни личности и музичари, вклучувајќи ги и добитниците на наградите Греми, Џин Вајклеф, Ив, Афродизјак и Акон ќе настапат и ќе ја покажат универзалноста на музиката.