Özkan Bilgin
23 Јуни 2019•Ажурирај: 24 Јуни 2019
ВАН (АА) - ОЗКАН БИЛГИН - Абдулвахаб Семо, пчелар од градот Ван, на крајниот исток на Турција, одлучи да влезе во Гинисовата книга на рекорди со собирање најмногу пчели на човечкото тело. Досега, тој успеа да собере на телото 10 килограми пчели и не планира да се откаже од целта, пишува Anadolu Agency (AA).
Сѐ започнало кога на интернет наишол на текст за човек којшто го срушил светскиот рекорд со најголемо количество пчели на човечкото тело. Тогаш, вели Семо, одлучил да тргне во поход за соборување на светскиот рекорд.
Досега во тоа се обидел трипати. Уште од вториот обид, кој го изведе во 2016 година, успеа на телото да собере 6 килограми, а од третиот обид, 10 килограми пчели.
Во разговор за АА, Семо говори за самиот процес кој започнува со „смирување или димење на пчелите“. Откако ќе ги смири, ги вади од кошницата и ги става на телото. Целиот процес трае околу два часа, по што на крајот поголемиот дел од телото е покриено со пчели.

Семо нагласува дека сето тоа е тешко да се направи сам, и дека често напомош доаѓаат неговите колеги пчелари.
Тој открива дека по вториот обид за соборување на рекордот, неговите колеги почнале да го нарекуваат „човек пчела“. Семо вели дека нема да запре сѐ додека не го сруши светскиот рекорд.
Наведува дека е свесен за фактот дека секој обид со себе носи голем ризик, и дека во текот на секој обид доживува значителен број убоди.
„Третиот обид беше многу успешен. Мојата цел е да го соборам актуелниот светски рекорд, а станува збор за околу 63,7 килограми пчели собрани на човечкото тело“, рече Семо.
Нагласува дека примарната цел во неговата приказна сигурно не е влегувањето во Гинисовата книга на рекорди, туку да укаже на важноста на пчеларството.
„Ние се занимаваме со органско производство на мед. За жал, нашите труд и напори честопати пропаѓаат бидејќи на пазарот се присутни илегални производители. Со ова би сакал да укажам на овој проблем“, рече Семо.
Додава дека додека е опкружен со пчелите, мора да внимава да не прави потези со кои би можел да ги налути. Според него, за време на овој експеримент претрпува голем број убоди.
„Телото ми стана имуно на убодот на пчелите. Со пчеларство се занимавам 33 години, пораснав со пчелите. Одлично ги познавам и го знам нивниот јазик“, рече Семо.