Özgür Alantor
24 Јуни 2019•Ажурирај: 26 Јуни 2019
КАСТАМОНУ (АА) - ОЗГУР АЛАНТОР -
Во Кастамону, Турција, во тек е проектот „Храна за животни во замена за фотографија“, во рамките на кој фотографирањето може да се плати со храна за животните, наместо со пари.
Студентката на Универзитет „Кастамону“, Фунда Ајдин, го започна проектот со цел да обезбеди дополнителни количини храна за напуштените животни. Во таа благородна намера ѝ помогна и пријателот Емре Бијик, кој е професионален фотограф. Храната што ја добиваат во замена за професионална фотографија ја делат на животните на улиците или во стационарите.
Ајдин за Anadolu Agency (AA) рече дека четири години интензивно се грижи за животните.
„Сакавме наместо пари да добиваме храна за животни, и така да им помогнеме и на луѓето и на животните“, рече Ајдин.
Додаде дека проектот е популарен меѓу познаниците, но и на социјалните мрежи.

„Оние кои ќе слушнат за проектот ни се јавуваат, а ние тогаш одредуваме ден и термин за снимање“, вели Ајдин.
Бијик рече дека го поддржал проектот бидејќи ги сака животните. Според него, проектот е популарен и има сѐ поголема поддршка од луѓето.
„Собравме многу храна и продолжуваме да собираме. Ова е нешто многу убаво“, смета Бијик.
Една од клиентките е и Мелтем Инкаја, која на снимањето дојде со песот.
„Целта ни е да им помогнеме на животните, но и да се фотографираме за спомен“, рече Инкаја.
Слично мислење има и директорката на Центарот за култура и уметност, Илкнур Ајнан.
Додаде дека студентите сакале да го организираат снимањето во Центарот и дека на вработените им е мило што имаат можност да придонесат за реализиација на проектот.
Смета дека е потребно на ваквите проекти да им се даде поддршка.