живот

Пар од Велика Британија тргна со велосипед на пат околу светот

„Ова навистина е една голема авантура и ни дава вистинско чувство на слобода. На патот се среќаваме и се запознаваме со прекрасни луѓе. Имаме можност да пробаме и јадења од сите делови на светот“

Abdülhamit Yaşar  | 25.06.2019 - Обновена : 26.06.2019
Пар од Велика Британија тргна со велосипед на пат околу светот (Fotoreporter: Abdülhamit Yaşar/ AA)

КОЊА (АА) - Пар од Велика Британија, Ед Леви (33) и Емили Кауард (30), тргнаа од Лондон со велосипеди на пат околу светот, а нивното патување е долго дури 20.000 километри.

Леви и Кауард на пат низ Турција возеа преку Егејскиот Регион. Новинарот на Anadolu Agency (AA) ги сретна во местото Бејшехир, во близина на градот Коња, во централниот дел на Турција. Таму ги угостија претставниците на Велосипедскиот клуб „Бејшехир“.

Леви, одговарајќи на прашањата на новинарите во Бејшехир, истакна дека заедно со девојката Емили донеле одлука со велосипеди да тргнат на пат околу светот. Тој изјави дека тргнале од Лондон, а планот им бил патувањето да заврши на Нов Зеланд.

Велејќи дека до крајната точка би требало да преминат пат од околу 20.000 километри, Леви нагласи дека тоа не претставува лесна задача, особено кога станува збор за патување преку планински предели.

Тој додаде дека дневно во просек поминуваат 50 до 70 километри, во зависност од условите на патот, некогаш успеваат да преминат и 100 километри.

На прашањето, зошто се одлучиле на таков потег, Леви одговори:

„Ова навистина е една голема авантура и ни дава вистинско чувство на слобода. На патот се среќаваме и се запознаваме со прекрасни луѓе. Имаме можност да пробаме и јадења од сите делови на светот“.

Емили Кауард истакна дека велосипедот го возат во текот на денот, додека вечерта пронаоѓаат адекватно место каде што можат да подигнат шатор и кампуваат.

Кауард и Леви нагласуваат дека секогаш сонувале за еден ваков потфат.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.