Zafer Fatih Beyaz,Burcu Çalık Göçümlü
13 Ноември 2021•Ажурирај: 14 Ноември 2021
ЧАНАККАЛЕ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, најави дека мостот „Чанаккале 1915“ преку Дарданелите ќе биде пуштен во функција најдоцна до 18 март 2022 година, на годишнината од турската поморска победа во Чанаккале, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган престојуваше во Чанаккале, каде што се обрати на церемонијата по повод спојувањето на последниот сегмент од конструкцијата на мостот „Чанаккале 1915“ преку каналот Дарданели, преку кој Турција на уште една точка ги спои Европа и Азија.
„Мостот 'Чанаккале 1915' ќе го ставиме во функција најдоцна до 18 март следата година, на годишнината на нашата поморска победа во Чанаккале“, истакна Ердоган во текот на обраќањето.
Ердоган, исто така, рече дека со отворањето на овој мост патувањето преку Дарданелите ќе трае шест минути.
„Влегуваме во периодот кога копнените, поморските, железничките и воздушните рути на три континенти почнуваат да поминуваат низ нашата земјата и нашиот канал“, порача Ердоган.
Ердоган им честита на сите што придонесоа во планирањето на изградбата на мостот, кој е првиот мост на Дарданелите и вкупно четврти мост на турските мореузи што ги поврзуваат Европа и Азија.
Додаде дека сега е на ред проектот „Канал Истанбул“ и кажа дека Турција ќе оствари уште еден револуционерен исчекор во подрачјето на поморскиот сообраќај.
На свеченоста присуствуваа и потпретседателот на Турција, Фуат Октај, министерот за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, министерот за култура и туризам, Мехмет Нури Ерсој, министерот за сообраќај и инфраструктура, Адил Караисмалиоглу, заменик-претседателите на АК Партијата, Бинали Јилдирим и Нуман Куртулмуш, и бројни официјални претставници.
Мостот „Чанаккале 1915“ преку мореузот Чанаккале, односно Дарданели, е уште еден голем инфраструктурен проект на Турција.
Мостот е долг 3.860 метри, односно подолг од 5 километри вклучувајќи ги и вијадуктите. Распонот помеѓу двата столба е 2.023 метри, симболично за одбележувањето на 100-годишнината на Република Турција во 2023 година.
По завршувањето ќе биде мост со најдолг распон помеѓу бетонските носачи.