Halife Yalçınkaya
13 Ноември 2021•Ажурирај: 15 Ноември 2021
СИВАС (АА) - Жена од централната турска област Сивас, додека се бори со болеста „стаклени коски“ наоѓа утеха во читањето, а е вљубеник во книгите целиот живот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Туба Фидан, која има висина од 50 сантиметри, не била во можност да посетува настава во училиште, но завршила основно и средно училиште откако ги положила испитите.
Нејзините родители, Нурије и Осман, исто така го изгубиле своето прво дете на 10-годишна возраст како последица на истата болест, генетско нарушување што доведува до чувствителни коски кои лесно се кршат. Тие на секов начин ѝ помагаат и ѝ даваат голема поддршка на својата ќерка.
„Јас сакам да читам книги... мајка ми ме научи како да читам и да пишувам“, рече таа за АА, додавајќи дека сака да студира на факултет, но дека не е во можност поради здравствената состојба.
Туба рече дека повремено излегува надвор кога времето е убаво и се дружи со пријателите, но дека пандемијата на Ковид-19 и мерките што следуваа ја нарушиле нејзината рутина на одреден период.
„Кога е многу ладно да се оди надвор, книгите стануваат мои пријатели, без кои не би можела да живеам“, рече таа.
Мајката Нурије рече дека не била во можност да ѝ овозможи формално образование поради ниските финансиски примања, па така самата ја подучувала.
„Таа заврши оваа година и доби диплома од средно училиште. Таа сака да оди на факултет, но не може поради здравствените проблеми“, рече мајката, додавајќи дека со нејзината ќерка треба да се постапува со екстремна грижа и дека најситните потези можат да бидат причина за катастрофални резултати.
„Јас отсекогаш му бев благодарна на Бог, таа е подарок од него и секогаш ќе бидам покрај неа, додека смртта не нè раздели“, рече таа.