СКОПЈЕ//ПРИШТИНА/ТИРАНА (АА) - Странските дознаки што ги добиваат граѓаните од земјите во регионот играат значајна улога во економската состојба на граѓаните, а за некои семејства претставуваат дури и единствен извор на приход.
- Странските дознаки ја намалуваат сиромаштијата во Македонија
Македонија добива најмалку 400 милиони долари во форма на готовински дознаки, годишно, што претставува околу 4% од бруто домашниот производ (БДП).
Просечниот износ на примени дознаки по семејство изнесува 12.903 денари месечно, односно нешто повеќе од 200 евра, додека учеството на дознаките во потрошувачката е повеќе од половина.
Ова е податокот соопштен од страна на учесниците на неодамна одржаниот економски форум во Скопје „Парите од иселениците се важни за социјалниот развој на Западниот Балкан“.
Благица Петрески, главен економист и извршен директор на „Фајнанс тинк – Скопје (Finance Think), рече дека во просек семејствата што примаат дознаки добиваат по 2.500 евра во текот на годината, меѓутоа она што е значајно е дека дознаките ја имаат улогата на неформална социјална заштита на примачите на социјалните дознаки.
„Тоа го покажува фактот дека семејствата што примаат дознаки имаат за 27 проценти помала веројатност да бидат сиромашни. Тоа е главниот наод. Дознаките влијаат преку паричниот индикатор, односно намалувањето на сиромаштијата е најзначајниот индикатор којшто ја намалува ранливоста на примателите на дознаки“, рече Петрески.
„Главната препорака до носителите на политиките е дознаките да бидат врамени во една соодветна политика каде што ќе бидат посоодветно искористени и каде што ќе ја намалат и на формален начин оваа ранливост на примателите на дознаки“, истакна Петрески.
„Според истражувањето“, рече Петрески, „дознаките во Македонија доаѓаат најчесто од високоразвиените земји, земјите од ЕУ, меѓутоа и од прекуокеанските земји, Америка и Австралија, каде што живеат македонски иселеници“.
- Дијаспората е најголема економска сила на Косово
Високиот политички советник во Министерството за дијаспора на Косово, Куштрим Шеремети, во интервју за Anadolu Agency (AA) рече дека дијаспората ја претставува најголемата економска сила во Косово.
Истакнувајќи дека приходите од странство се околу 700 милиони евра годишно, Шеремети изјави: „Еден од главните приходи што Косово ги добива се дознаките од дијаспората која е присутна низ целиот свет“.
Тој додаде дека овие износи се според податоците на Централната банка на Косово и истакна дека голем друг износ доаѓа на неформални начини до членовите на семејствата на дијаспората, кои централната банка не ги регистира.
„Речиси секое косовско семејство добива дознаки од дијаспората. Вклучувајќи ги и овие, може да се каже дека дознаките од странство за една година достигнуваат околу 1 милијарда евра“, рече Шеремети.
Тој најави дека освен дознаките, дијаспората придонесува и преку она што се нарекува странски директни инвестиции.
„Голем дел од тие инвестиции се инвестиции токму од дијаспората, но се третираат како странски инвестиции, бидејќи нашата дијаспора се исто така странски државјани“, рече тој.
Во однос на употребата на овие дознаки, Шеремети изјави дека постојат некои програми преку кои од следната година овие приходи ќе бидат искористени за економски развој, особено во земјоделството и во областа на информатичката технологија.
Шеремети нагласи дека овој голем процент на приходи од странство може да е поврзан со фактот што косовската дијаспората ги одржува врските со татковината, вклучувајќи ја овде и улогата на Министерството за дијаспора.
- Во Албанија дознаките од странство генерално се користат како потрошувачки средства
Не е мал бројот на албански државјани кои работат во странските земји меѓу кои Грција, Италија, Велика Британија, Германија, Швајцарија, Франција, САД и Канада, и нивните дознаки најчесто доаѓаат од овие земји.
Како и во другите земји од Западниот Балкан, и во Албанија дознаките имаат важна улога за економскиот и социјалниот развој на земјата. За време на транзицијата во Албанија, дознаките на печалбарите давале голем придонес во заживувањето на домашниот буџет, но, исто така, и во различни сектори во земјата.
Албанија и понатаму продолжува да има висока зависност од средствата кои доаѓаат од печалбарите. Од 2007 година, кога приходите од дијаспората го достигнаа највисокото ниво, 952 милиони евра, до 2013 година тие почнаа да се намалуваат, достигнувајќи ја оваа година најниската точка од 544 милиони евра. Во текот на 2014 имаше мало зголемување на 592 милиони.
Од друга страна, во извештајот на Банката на Албанија, објавен во 2016 година, се вели дека странските дознаки продложиле со трендот на намалување на годишно ниво и во третиот последователен квартал за 10 отсто.
Според официјалните податоци на Институтот за статистика, бруто домашниот производ (БДП) во првиот квартал на 2016 година се зголемил за 2,96 проценти, наспроти првиот квартал на 2015 година.
Главниот придонес за овој раст бил обезбеден од трговијата и хотелите, како и од рестораните и транспортот.
Од друга страна, од аспект на придонесот на дознаките, последните пресметки припаѓаат на 2015 година, каде што, според Светската банка, дознаките за 2015 година претставуваат 9,1 отсто од БДП.
Во Албанија, странските дознаки најчесто се користат како потрошувачки средства и средства за економски опстанок.
Повеќето иселеници испраќаат средства од земјите во кои престојуваат за да ги задоволат потребите на своите семејства, најчесто за тековна потрошувачка, инвестиции во семејните мали бизниси, инвестиции во татковина или пак, за изградба или купување куќи, купување недвижен имот, со што имаат директно влијание врз социјалниот развој.
- Дознаките да се употребат за програми за вработување или самовработување
Според приложените податоци, се доаѓа до заклучокот дека Косово е земја што добива најмногу дознаки од странство, како и дека намената на средствата од странските дознаки во најголем дел е за задоволување на основните егзистенцијални потреби на граѓаните кои ги добиваат. Дознаките значително влијаат на животниот стандард и да не се овие средства, домаќинствата би биле во многу полоша ситуација отколку сега.
Иако се покажува дека досега е слаба можноста да се употребат за друго, сепак економските аналитичари порачуваат дека со средствата од странските дознаки може да се започнат програми за основање на микропретпријатија или употребување на тие дознаки за некои програми за вработување или самовработување.